Украинските и европските претставници оваа седмица се спротивставија на некои американски предлози за прекин на војната во Украина, изнесоа свои предлози за прашања како што се територијата и санкциите, според целиот текст на предлозите во кој увид ималаагенцијата Reuters.

Групата предлози од разговорите меѓу американските, европските и украинските претставници во Париз на 17. април и во Лондон на 23. април открија како однатре функционира „шатл“ дипломатијата со којашто се настојува да се стави крај на војната.

Главните разлики во двата текста се однесуваат на редоследот на решавање на прашањето за териториите, укинувањето на санкциите против Русија, безбедносните гаранции и големината на украинската армија.

Извори блиски до разговорите откриваат одредени разлики во ставовите, но документите што ги видел Reuters експлицитно и детално првпат покажуваат што било во прашање, пишува агенцијата.

Првиот текст ги одразува предлозите што ги доставил претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, до европските претставници во Париз, кои потоа им биле пренесени на Украинците, според извори блиски до разговорите. Американскиот државен секретар Марко Рубио ги опиша предлозите како „широка рамка“ за идентификување на разликите во мислењата меѓу страните.

Вториот текст е резултат на разговорите меѓу украинските и европските претставници во Лондон една седмица подоцна и ѝ бил предаден на американската страна, велат изворите.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот изјави дека смета оти документ со предлози што произлегоа од разговорите во среда во Лондон сега е на масата на Трамп.

Кога станува збор за територија, предлозите на Виткоф бараат де јуре признавање од страна на САД на руската контрола врз Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година, и де факто признавање на руските окупации на јужна и источна Украина, пишува Reuters.

Од друга страна, европскиот и украинскиот документ предвидува детални дискусии за територијата дури откако ќе се постигне договор за прекин на огнот, без да се спомене признавањето на руската контрола врз кој и да е дел од украинската територија.

Кога станува збор за долгорочната безбедност на Украина, во документот на Виткоф се наведува дека Украина ќе има „цврста безбедносна гаранција“ и дека европските и другите пријателски земји ќе дејствуваат како гаранти. Тој не навлегува во детали за ова, но нагласува дека Киев нема да бара членство во НАТО.

Вториот документ е попрецизен, во кој се наведува дека нема да има ограничувања за украинските сили, ниту ограничувања за сојузниците на Украина да ги стационираат своите воени сили на украинска територија, што веројатно нема да ѝ се допадне на Москва.

Тој предлага силни безбедносни гаранции за Киев, вклучително и од САД, со „договор во стилот на Член 5“, што се однесува на Северноатлантскиот договор со кој е основан НАТО. Според тој член, напад врз една членка на НАТО е напад врз сите нив.

Во однос на економските мерки, предлозите на Виткоф наведуваат дека санкциите воведени врз Русија откако го анектираше Крим во 2014 година ќе бидат укинати како дел од договорот за којшто се разговара.

Контрапредлозите предвидуваат „постепено ублажување на санкциите откако ќе се постигне одржлив мир“ и дека санкциите би можеле повторно да се воведат доколку Русија ги прекрши условите на мировниот договор.

Европскиот и украинскиот документ, исто така, предвидуваат Украина да добие финансиска компензација за воена штета од замрзнатите руски средства во странство. Во текстот на Виткоф се наведува само дека Украина ќе добие финансиска компензација, без да се наведува изворот на парите.

globe

Слични новости

Двајца министри ќе одговараат пред грчкиот парламент за железничката несреќа кај Темпи

Двајца министри ќе одговараат пред грчкиот парламент за железничката несреќа кај Темпи

Предмет за можна кривична одговорност на двајца поранешни министри за транспорт на Грција во периодот 2016-2023 година за железничката несреќа кај Темпи пред две години, ќе биде доставен во грчкиот Парламент

Трамп ја повика Русија да престане со нападите, вели дека Зеленски би можел да го предаде Крим

Трамп ја повика Русија да престане со нападите, вели дека Зеленски би можел да го предаде Крим

Американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Русија да ги запре нападите врз Украина и наговести дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен да се откаже од Крим за да постигне мировен договор со Москва