Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, започна кампања со цел да ги убеди сите Срби вработени во владините тела на Босна и Херцеговија да ги напуштат своите работни места, ветувајќи им дека во тој случај ќе им најде работа и ќе им даде повисоки плати, заканувајќи им се дека во спротивно ќе ги третира како предавници и трајно ќе ги обележува.

Додик ги најави овие нови чекори, насочени кон целосно блокирање на функционирањето на државата како одмазда за пресудата со која Судот на БиХ неправосилно го осуди на една година затвор и забрана за вршење на политичкли функции шест години, по средбата со некои од српските лидери на безбедносните агенции на ниво на БиХ во текот на викендот.

Меѓу нив беше и Дарко Ќулум, актуелниот директор на Државната агенција за истраги и заштита (SIPA), чии операции на територијата на Република Српска, Додик планира преку усвојување на новите закони во парламентот да ги забрани, а истата забрана планира да ја воведе и за Судот на БиХ и Обвинителството на БиХ, како и за Агенцијата за разузнавање и безбедност (ОSA).

 

По тој состанок, Додик изјави дека Република Српска „нема никакви сецесионистички намери“ и се залага за строго почитување на Уставот на Босна и Херцеговина, но ќе инсистира на итна примена на законите со кои се суспендираат овластувањата на SIPA, OSA и на федералниот суд и обвинителството.

„Во моментот кога законите ќе стапат на сила… очекуваме сите вработени Срби да ги почитуваат тие закони и ги чекаат подобри услови во Република Српска. Не е прашање на плата, туку на патриотизам“, рече Додик.

Ќулум, кој беше назначен за шеф на SIPA како доверлив човек на Додик и поранешен полициски директор во Министерството за внатрешни работи на РС, по состанокот рече дека нема да ги коментира изјавите на политичарот.

Додик пред средбата со полициските службеници во друга прилика се закани дека јавно ќе ги објави имињата на сите кои одбиле да го исполнат неговиот повик.

„Нема да толерираме предавство“, рече тој, додавајќи дека оние Срби кои работат во владините тела на БиХ не се таму затоа што се професионални и паметни, туку поради нивната националност.

Илјадници српски службеници работат во владините тела на БиХ, а Додик на сите им ветува вработувања и повисоки плати во Република Српска, иако не објасни како буџетот на ентитетот ќе издржи таков непланиран товар.

На заканите на Додик во понеделникот одговорија партиите од бошњачко-граѓанскиот блок, кои се дел од владејачката коалиција на ниво на БиХ. Тие ги повикаа вработените во владините тела на државно ниво да ги задржат своите работни места и да се спротивстават на „авантуристичките планови“.

„Вашите работни места ви припаѓаат вам и никој не може да ви ги одземе со сила, со уцена или со лажни ветувања. Вие сте слободни граѓани кои суверено одлучуваат за вашиот работен статус и вашата судбина и не дозволувате да бидете заложници на погрешните политики и штетни одлуки на само еден човек кој е подготвен да ве жртвува вас, вашите семејства и целото општество заради заштита на неговиот личен имот“, стои во соопштението поптишано од шефовите на пратеничките групи на партиите SDP BiH, Народ и Правда и Нашата партија.

Плановите на Додик уште еднаш беа одлучно отфрлени и осудени од опозицијата. Пратеникот на РС и поранешен министер за надворешни работи на БиХ, Игор Црнадак, најави дека ќе бара владата на ентитетот да ги повлече од процедурата контроверзните закони кои во моментов се користат за уцена на вработените во владините тела на БиХ, додека претседателот на Српската демократска партија (СДС) Милан Миличевиќ ја повика јавноста во РС да ги отфрли плановите на Додик во отворено писмо.

„Она што (Додик) го прави јасно ја покажува неговата природа. Тој ги нарекува предавници сите кои одбиваат да му служат, ги омаловажува професионалните и чесни луѓе и го прогонува секој што размислува поинаку преку медиумите и полицијата“, напиша Миличевиќ, опишувајќи ја владата на Додик како „режим на кукавица“.

globe

Слични новости

Фон дер Лајен: Урнати се илузиите за европската безбедност

Фон дер Лајен: Урнати се илузиите за европската безбедност

Илузиите за безбедноста на Европа се урнати и Европската унија мора веднаш да почне да инвестира значително повеќе во својата одбрана, изјави во вторникот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во обраќањето пред Европскиот парламент

Новинарите во Грција започнаа 24-часовен штрајк

Новинарите во Грција започнаа 24-часовен штрајк

Новинарите во Грција, организирани од Грчката федерација на новинарски асоцијации во која учествуваат сите новинарски здруженија, од пет часот утрово започнаа 24-часовен штрајк со што земјата денеска ќе биде без вести и информативни емисии