Цените на акциите пораснаа на европските берзи во четвртокот во претпладневното тргување, благодарение на добрите деловни резултати на европските компании и надежите на инвеститорите дека британската централна банка ќе ги намали каматните стапки.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот пресек од тргувањето порасна за 0,1 отсто. Лондонски FTSE индекс се зголеми за 0,75 отсто, на 8.688 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,56 отсто, на 21.707 поени, а париски CAC за 0,39 отсто, на 7.925 поени.
Растот на индексот најмногу се должи на добрите квартални деловни резултати на европските компании. Покрај тоа, инвеститорите ќе се фокусираат на средбата на челниците на британската централна банка, а аналитичарите очекуваат намалување на каматните стапки.

Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиските акции во иститот момент од пресекот како и во Европа порасна за 0,7 отсто. Јапонскиот индекс Nikkei порасна за 0,6 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Хонгконг, Шангај и Австралија пораснаа меѓу 1,1 и 1,3 отсто.
Кинеските берзи пораснаа бидејќи стравувањата од трговска војна стивнаа. Додуша, сѐ уште постои ризик од ескалација на конфликтот меѓу САД и Кина, со оглед на тоа што Вашингтон воведе царини за увозот од Кина, а Пекинг најави царини за американските производи од 10 февруари, но инвеститорите се надеваат дека наскоро ќе се постигне некаков договор.
Кинеските пазари се поддржани и од силниот раст на цените на акциите на компаниите кои развиваат вештачка интелигенција, како и на производителите на чипови, благодарение на големиот успех на моделот за вештачка интелигенција на кинескиот стартап „DeepSeek“ во западните земји.
„Успехот на DeepSeek ја зајакна довербата во кинескиот сектор за вештачка интелигенција и ова ќе продолжи да биде клучна пазарна тема во наредните денови“, напишаа аналитичарите на „China Securities“ во прегледот на ситуацијата на пазарот.
Азиските берзи го следат вчерашниот раст на Волстрит, кога Dow Jones порасна за 0,7 отсто, S&P 500 0,4 отсто, а Nasdaq индексот 0,2 отсто. Порастот на индексот на најголемата светска берза втор ден по ред е благодарение на ублажувањето на стравувањата од трговска војна, откако Вашингтон на почетокот на неделата ја воведе и набрзо ја одложи примената на царините за увоз од Канада и Мексико.
Пазарот е поддржан и од солидни квартални деловни резултати. Досега повеќе од 200 компании од индексот S&P 500 објавија извештаи, а приближно 77 отсто од нив оствариле поголема заработка од очекуваната.
Слични новости
Цените на нафтата над 70 долари
Цените на нафтата се стабилизираа на меѓународните пазари во петокот над нивото од 70 долари, а инвеститорите проценуваат дека преговорите за ставање крај на руско-украинската војна ќе потрае и ќе го одложат враќањето на руската нафта на западните пазари
BMW очекува царински трошоци од милијарда евра
Царинити ќе го чинат BMW милијарда евра оваа година, изјави во петокот извршниот директор на германскиот производител на луксузни автомобили Оливер Зипсе, наведувајќи ги трошоците за европските царини за електричните автомобили од кинеско производство и американските царини за увоз на челик и алуминиум
Златото над 3.000 долари
Цените на златото првпат надминаа 3.000 долари во петокот, како одраз на зголемената побарувачка на инвеститорите во услови на трговски тензии и намалување на каматните стапки