Буџетот за 2025 година е документ со кој Владата ги најавува промените во политиките коишто се во насока на остварување на планот за фискална консолидација, обезбедување фискална одржливост и поддршка на економскиот раст. Базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции, обезбедува непречено функционирање на институциите и државата, редовно сервисирање на обврските и она што е најважно за новата Влада е неговата развојна компоненета преку поттикнување реализација на еден значаен инвестициски циклус, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во експозето за Предлог-буџетот за 2025 година пред пратениците.
Идната година, како што истакна министерката, ќе биде година на инвестиции што ќе дадат додадена вредност и што ќе го „откочат тркалото“ и ќе не искачат на едно скалило погоре во остварување на повисоки стапки на економски раст. Димитриеска Кочоска најави инвестиции на ниво од над 47 милијарди денари само во јавниот сектор, за кои очекувањата се дека ќе имаат и значајно позитивно влијание врз економската активност.
Новиот план на Владата, како што кажа, е заснован на реална реализација на овој силен инвестициски циклус во јавниот сектор, надополнет со инвестиции во приватниот сектор и општините.
„Годината што доаѓа, покрај инвестиции, рече министерката, ќе ја одбележи и старт на фискална консолидација поткрепена со низа сериозни мерки во остварување на таа цел. Ќе работиме на приходната страна за поефикасна наплата на приходите, којашто нема да значи нови даночни оптоварувања поголем зафат во сивата, односно неформалната економија, борба со корупцијата и криминалот, особено финансискиот“, рече Димитриеска Кочоска.
Буџетот за 2025 година е развоен, со вклучена социјална компонента и се базира на одржлива и дисциплинирана буџетска потрошувачка, намалување на несуштинските расходи и значајно подобрување на ефикасноста и целисходноста во трошењето на буџетските средства,
поддршка, односно субвенционирање на граѓаните и стопанството преку јасно дефинирани критеруими за буџетска поддршка, буџетирање базирано на успешност и резултати, буџетирање базирано на принцип на реалност, редизајнирање на структурата на буџетот и повисоки капитални инвестиции насочени кон реализација на инфраструктурни проекти, стратешко планирање на големи инфраструктурни проекти.
Карактеристично за овој Буџет е трендот на раст на расходите којшто е понизок од трендот на раст на приходите, односно со овој буџет приходите се зголемени за 13%, а расходите за 10% во однос на 2024 година, што пак придонесува кон консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари, рече Димитриеска Кочоска.
Согласно проекциите вкупните приходи на Буџетот за 2025 година се планирани на ниво од 358,8 милијарди, додека расходите се планирани на ниво од 400,2 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи, објасни таа, резултираат со буџетски дефицит проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4% од планираниот БДП. – Со ова ниво на буџетска потрошувачка се овозможува нормално и непречено функционирање на институциите, исполнување на обврските кон меѓународните кредитори, како и подобрување на животниот стандард на граѓаните и бизнис заедницата – рече министерката за финансии.
Владата ќе продолжи во остварување на определбата за постигнување постепено усогласување со фискалните правила во рамки на Фискалната стратегија 2025-2029 преку реализација на мерки на приходната и расходната страна.
Вкупните даночни приходи во Буџетот, се проектирани во износ од 202,1 милијарди денари, што е за околу 12,8% над износот на приходи планиран за 2024 година. Истите учествуваат со 19.8% во БДП за 2025 година, што е благо зголемување на учеството во однос на претходната година. Како изворни приходи на Буџетот, даночните приходи учествуваат со 56,3% во структурата на вкупни приходи на Буџетот за 2025 година – рече Димитриеска Кочоска.
Во Буџетот за 2025 година, проектирано е повисоко ниво на остварување на приходите по основ на сите видови на даноци споредено со 2024 година.
Даночната политика ќе базира на намалување на сивата економија и поголема наплата на средствата во државниот буџет. Имено целта е преку зголемена дигитализација да се намали сивата економија и да се воспостави ефикасен даночен систем, со цел секој праведно и на праведен начин да ги плаќа своите даночни обврски. Ова ќе овозможи задржување на ниските даночни стапки кај останатите даноци, а во исто време и поголем износ на средства за капитални инвестиции, даночни ослободувања, субвенции и стимулации на работењето на домашниот приватен сектор и граѓаните.Главната цел на даночната политика и понатаму е постигнување одржлив економски раст и развој и фискална консолидација на јавните финансии на среден рок, притоа обезбедувајќи правна сигурност за даночните обврзници и редовна наплата на јавните приходи – рече министерката за финансии.
Вкупните расходи (тековни и капитални расходи) се планирани на ниво од 400,2 милијарди денари или повисоко за 10,3%, односно за околу 37,4 милијарди денари повеќе во однос на 2024 година.
Тековните расходи за 2025 година се планирани во износ од 353 милијарди денари или за 11% повеќе во однос на 2024 година, со кои се обезбедува редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални права, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и алоцирање на средства за таргетирана поддршка на ранливи категории на граѓани и стопанството – рече министерката.
Најзначајната карактеристика на овој Буџет, како што нагласи Димитриеска Кочоска, е развојната компонента со значајно учество на капиталнтие расходно со околу 4,6% во БДП на годишно ниво и се планирани во висина од околу 47,2 милијарди денари.
На ваков начин фискалната политика за наредната година ќе биде насочена кон создавање предуслови за нов циклус на економски раст, обезбедување значително ниво на јавни инвестиции коишто се основа за подобрување на економските перспективи, како и подобар живот на граѓаните. Покрај високото ниво на капитални инвестиции од буџетски средства, значителни средства се обезбедени и со заеми од меѓународните финансиски институции и билатерални кредитори – рече таа пред пратениците.
Во 2025 година предвидено е продолжување на финансиската поддршка и соработка на Владата со општините која ќе биде насочена кон континуирано инвестирање на средства од централниот буџет за капитални инфраструктурни проекти во општините, зголемување на финансиската стабилност на општините преку овозможување фер распределба на средствата, согласно начелата на рамномерен регионален развој, поволности и стимулација за општините кои имаат планирани буџети, висок степен на реализација, како и висок степен на наплата на локалните даноци и подобрена методологија за пресметка на трошоците за тековно одржување. Планирани се значајни инвестициски вложувања со буџетски средства во областа на патната инфраструктура, поврзани со проектирање и изградба на дел од Коридорот 8, и тоа: делницата Тетово – Гостивар (проширување на автопат), изградба на делницата Гостивар – Букојчани, како и на делницата Прилеп – Битола како дел од Коридорот 10д. Во историја заминуваат авансните исплати, и одиме во реална реализација на инвестициите. Ќе продолжи изградбата на источниот дел од патниот Коридор 8 преку делницата Ранковце-Крива Паланка, финансирана со заем од Свестка банка и делницата Крива Паланка до границата со Бугарија, финансирана со заем од Европската банка за обнова и развој – ЕБОР и грант средства од инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан – ВБИФ. Ќе се финансира и западниот дел од патниот Коридор 8 преку изградба на автопатска делница Кичево-Букојчани, со заем од ЕБОР и делницата Кичево-Охрид, со заем од ЕКСИМ банка.
Со средства од ЕБОР ќе се финансира изградбата на автопатската делница Скопје-Блаце (граница со Косово), додека подобрувањето на патната инфраструктура на општините ќе се реализира преку Проектот за поврзување на локални патишта, финансиран од Светската банка. -Во оваа област, во 2025 година продолжува реализацијата на Програмата за национални патишта, финансирана со заем од ЕБОР како и активностите за реализација на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, кој е дел од регионалната иницијатива на Светската банка. Преку ИПА средства ќе се имплементира проектот за изградба на патната делница Градско – Дреново, како дел од патниот правец на Коридор 10d, кажа Димитриеска Кочоска.
Во текот на 2025 година предвидени се средства за продолжување на реализацијата на проектите за изградба и рехабилитација на железничката пруга од Коридорот VIII, отпочнување проект за изградба на заеднички железнички граничен премин со Република Србија, односно изградба и опремување на железничка станица Табановце.
Во областа на комуналната инфраструктура и управување со отпад ќе се продолжи со интензивирана динамика на изградбата на водоводните и канализациски системи во општините, финансирани од новата кредитната линија од ЕИБ. Исто така, значаен капитален проект кој ќе се реализира во оваа област е Регионалниот проект за цврст отпад кој ќе се финансира со заем од ЕБОР и со кој е предвидвидено развој и воспоставување на регионални системи за управување со отпад во следните избрани региони: Југозападен, Полошки, Пелагониски, Вардарски и Југоисточен регион. Со заеми од ЕИБ и ЕБOР, како и грант од ЕУ инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан, во 2025 година ќе продолжи реализацијата на еден од поголемите капитални проекти во земјата, а тоа е Пречиситителната станица за отпадни води во Скопје.
Со заем од Светска банка ќе продолжи реализацијата на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор со кој ќе се финансираат енергетски ефикасни проекти во општините, како и јавни здравствени установи на централната власт.
Преку ИПА средства ќе се поддржи рехабилитација и надградба на колекторски систем во Скопје, рехабилитација и надградба на канализациска мрежа и изградба на пречистителни станици во Кичево, Битола и Тетово, како и воспоставување регионален систем за управување со отпад и затворање на депонии во Источниот и Североисточниот регион.
Со финансиска поддршка од Светска банка и ЕУ ќе се работи на реформи во јавните финансии, за подобрување на фискалната рамка, зајакнување на процесот на планирање и извршување на Буџетот, подобрување на наплатата на приходите, зајакнување на системот на јавни набавки, внатрешна и надворешна контрола и транспарентно известување, а преку воведување интегриран систем за управување со финансиски информации, интегриран систем за управување со даночни информации и систем за управување со информации за државна помош, кои ќе се финансираат со заем од Светската банка и грант средства од ЕУ.
Како што образложи министерката, предвидени се средства за понатамошно уредување на технолошко индустриските развојни зони, изградба на потребна инфраструктура и објекти и геомеханички истражни работи.
За здравствениот сектор планирани се инвестиции во изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, како и набавка на медицинска опрема.
Во делот на инвестиции во образованието, детската заштита и спортот, проектирани се капитални расходи, наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите и инвестиции во спортска инфраструктура.
Во областа на образованието, со заем од КФВ банката ќе продолжи и реализацијата на Проектот за реконструкција на студентските домови, а ќе се продолжи и со реализацијата на активностите кои се дел од Проектот за изградба на фискултурни сали во основните училишта и рехабилитација на основните и средните училишта, финансиран со заем од ЦЕБ, грант средства од ЕУ инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан и национално кофинансирање.
За да се подобрат условите за учење во основното образование во земјата, со заем од Светска банка, кажа таа, ќе продолжи финансирањето на реализацијата на Проектот за унапредување на основното образование. Со цел подобрување на пристапот до социјалните права и услуги, како и проширување на капацитетите за предучилишно згрижување и воспитување преку изградба на нови објекти и пренамена/надградба на постоечката инфраструктура на предучилишни институции, во 2025 година продолжува реализацијата на Проектот за администрирање на социјалното осигурување финансиран со заем од Светска банка, а ќе започне и Вториот проект за унапредување на социјалните услуги.
Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор предвидени се значителни капитални инвестиции кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.
Преку ИПА поддржани се проекти кои ќе овозможат достигнување на стандардите на ЕУ воспоставени во областа на земјоделското производство, преработката на храна и руралниот развој.
Со заем од Светска банка и ЕУ грант средства ќе продолжи Проектот за модернизација на земјоделството, при што предвидена е изградба на откупно-дистрибутивни центри за земјоделски производи ширум државата, како и развој на систем за безбедно отстранување на нуспроизводи од животинско потекло.
Во 2025 година планирана е реализација на Програмата за наводнување на Македонија, која се финансира со заем од КфВ и истата опфаќа рехабилитација и проширување на 4 системи за наводнување по долината на реката Вардар (Страиште, Лисиче, Коњско и Пепелиште), како и изградба на мали хидро централи на ХС Лисиче.
Димитриеска Кочоска, рече дека во областа на правосудството, во 2025 година во рамки на Проектот за реконструкција на казнено-поправните установи, финансиран со заем од Банката за развој при Советот на Европа, ќе започне реализацијата на притворско одделение, затворено одделение и на централна економска единица во КПД Идризово и го најави како едно од приоритети.
Во енергетската инфраструктура, поточно во областа на гасификацијата, предвидено е изградба на магистрални гасоводи делница Гостивар – Кичево и делница Свети Николе – Велес, како и изградба на интерконективен гасовод меѓу Македонија и Република Грција.
Исто така, во оваа област ќе се финансираат и проектите што ги имплементираат АД ЕСМ и АД МЕПСО: Ветерен парк Богданци – втора фаза, Топлификација на Битола, 400 kV интерконекција Македонија (Битола) – Албанија (Елбасан), Фотонапонска електрана Осломеј, Рехабилитација на шест големи ХЕЦ – трета фаза , Проект на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици, кој опфаќа изградба на две соларни фотонапонски електрани – 10 MW Осломеј 2 и 20 MW Битола.
Димитриеска Кочоска пред пратениците кажа дека повторно ќе се оди со задолжување од Унгарија со 500 милиони евра кои ќе се искористат за покривање на еврообврзницата издадена во 2018 година, а останатиот дел ќе биде обезбедено од домашно инвестирање.
Износот на државниот долг на 30.09.2024 година изнесува 49,3% од БДП, а на јавниот долг 56,9% од БДП. Согласно последните проекции на Министерството за финансии јавниот долг на крајот на 2024 ќе изнеусва 62,7%. А на крајот на 2025 година 62,1% што јасно укажува дека работиме сериозно на фискална консолидација – нагласи Димитриеска Кочоска.
Собраниската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година трае пет дена.
Слични новости
Изет Меџити: Артан Груби е во Албанија
Вицепремиерот Изет Меџити во изјава за албанската телевизија Ора Њуз рече дека поранешниот владин функционер Артан Груби повеќе не е на Косово и се наоѓа во Албанија, пренесе МИА. „Со самото бегство тој ја докажува вината. Тој самиот знае за правните прекршоци што ги направи порача Меџити.
Поголем дел до Скопје денеска без вода
Поголем дел од Скопје денеска се соочува со прекин во водоснабдувањето поради сложениот оперативен план за санација на главниот водовод. Според информациите од „Водовод и канализација“, санацијата ќе заврши најдоцна за 15 часа.
Нафтата поевтини на 72 долари
Цените на нафтата паднаа во петокот поради загриженоста за побарувачката следната година, особено во Кина, најголемиот увозник на сурова нафта