Пренатрупаноста, недоволната инвестиција во инфраструктурата, нецелосно воспоставен видео надзор, недостатокот на медицински персонал и несоодветната техничка опременост влијаат негативно врз обезбедувањето хумани услови за лицата лишени од слобода. Дополнително, ограничената примена на пробациски мерки и недоволната постпенална поддршка ја намалуваат ефикасноста на ресоцијализацијата, додека нерегуларниот надзор ја доведува во прашање усогласеноста со препораките за подобрување на состојбите, се главните заклучоци од спроведената ревизија на успешност на тема „Реформа на пенитенцијарниот систем“ од страна на Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Во ревизијата се нагласува дека недоволниот развој на пробацијата во правосудниот систем во насока на имплементирање на соодветни и одржливи мерки за реинтеграција на сторителите во заедницата на кои се извршуваат алтернативни мерки и недоволно изрекување на пробациски мерки од страна на надлежните органи неповолно влијае на остварување на основната цел на пробацијата и намалувањето на затворската популација.
-Со спроведената ревизија и применетата ревизорска методологија, прибраните ревизорски докази, стекнавме разумно уверување дека преземените активности од страна на надлежните институции не придонесуваат во целост за унапредување и хуманизирање на системот за извршување на санкции и реформи во пенитенцијарниот систем, велат од ДЗР.

Материјалните услови во одделни установи или одделенија при установите и пренатрупаноста, додаваат, не придонесуваат за обезбедување на хумани услови за сместување, предвидени во меѓународните стандарди од областа, почитување на личноста и достоинството на лицата лишени од слобода.
-Пролонгирањето на инвестицискиот период за изградба на објектите од Сегмент 2 во КПД Идризово во рамки на Проектот „Реконструкција на КПУ во Република Северна Македонија” започнат во 2010 година, пред се како резултат на необезбедените буџетски средства за реализација на проектот, но и ненавременото и нецелосно спроведување на забелешките и препораките на БРСЕ, не придонесува за зголемување на сместувачките капацитети и подобрување на условите, се посочува во ревизијата од ДЗР.
Поради недостиг на финансиски средства, се додава, установите не можат да планираат активности, а планираните активности да ги реализираат и да ги подмират обврските од минати години.
-Во установите недостасува безбедносна опрема, ниту е воспоставен унифициран концепт за визуелно-електронско набљудување и одржување на видео надзорот, ниту имаат предвидена обврска за изготвување на проекти/планови за утврдување на сите клучни ризични точки, потребниот број и вид на камери, местото на поставување на камерите за видео надзорот, а врз основ на претходна анализа изработена од стручни лица во областа. Поради недоволен број на припадници на затворската полиција зголемени се трошоците за прекувремена работа, а тужбите од страна на затворската полиција за работа подолго од полното работно време и останати додатоци на плата придонесуваат за зголемени судски трошоци и исплати по извршни решенија, се вели во ревизијата.
Се нагласува дека не е обезбедена целосна здравствена заштита на лицата лишени од слобода заради недоволен медицински персонал, а отсуството на ажурирани податоци за задолжително здравствено осигурување доведува до неостварување на правото за здравствено осигурување на лицата кои се на издржување казна затвор и издржување на воспитна мерка во воспитно – поправен дом.
-Техничката спецификација за набавка на храна не е унифицирана поради што одделни установи имаат поразновидна храна од други установи, како и значителни разлики во цените на прехранбените артикли помеѓу установите. Воспоставениот начин на третман и постпенална помош на осудените лица не обезбедува нивна ресоцијализација и социјална адаптација во општеството. Во КПУ погодности користат сите осудени лица на кои тоа им го дозволува третманската група, доколку против нив не е поведена дисциплинска постапка, без разлика какви резултати постигнуваат при работниот ангажман, се заклучува во ревизијата.
Се посочува дека установите не се доволно кадровски екипирани со инструктори, кои би можеле да вршат стручно оспособување на осудените лица, а не располагаат ниту со доволен број на воспитувачи за спроведување на третмански мерки. Не е спроведуван образовен процес за осудените лица и децата во ВПД.

-Вон установите се ангажирани околу 8 отсто од осудените лица, за кои не е обезбедена целосна контрола над работењето. Постои низок процент на искористеност на постпеналната помош, што е една од можните причини за рецидивизам во КПУ, се посочува во ревизијата.
Се заклучува дека во периодот 2021-2024 година не е извршен редовен надзор над работењето на сите установи од страна на Управата за извршување на санкции, ниту се врши контролен надзор, што може да доведе до непостапување од страна на установите по дадените забелешки и рокови наведени во наредбата од редовниот надзор и нивно навремено отстранување.
Целта на ревизијата, спроведена согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2024 година, беше да се даде одговор на прашањето „Дали преземените активности од надлежните институции придонесуваат за унапредување и хуманизирање на системот за извршување на санкции и реформи во пенитенцијарниот систем“ и да се дадат препораки за преземање на мерки за подобрување на состојбите.
Слични новости
Продолжуваат превирањата во „Вреди“, коалиционите партнери во Владата ги следат случувањата
Од коалицијата велат дека не го исклучиле Таравари, но дека тој со ваквата одлука се самоисклучил. Ваквиот чекор на Таравари, според коалицијата Вреди, значи проблем во Владата, но не прецизираат дали ќе побараат негово разрешување
Муртезани: Таравари го смени приоритетот на Вреди и кокетира со ДУИ
Ако Таравари јавно кокетира со Ахмети, и тоа не го крие, го доведува во прашање целото функционирање на Владата зашто какво ќе биде тоа ако тој има врски со ДУИ. Ова создава загриженост и треба да се расчисти, изјави Орхан Муртезани, министер за европски прашања и претставник на коалицијата Вреди (Влен) од партијата Алтернатива.
Меџити: Таравари се самоисклучи од Вреди, самостојниот настап со советнички листи на АА е во корист на ДУИ
Вреди не го исклучила од коалицијата Таравари, туку тој, според Меџити, се самоисклучил. Вели дека оваа постапка на Таравари значи и проблем во Владата, но засега нема одговор дали ќе бараат негово разрешување од министерската функција во здравство.