Се стравува дека десетици луѓе загинале откако регионален патнички авион на компанијата „American Airlines“ и хеликоптер „Black Hawk“ на американската армија се судриле во воздух и се урнале во студената река Потомак во близина на националниот аеродром „Реган Вашингтон“ во средата вечерта по локално време, соопштија официјални лица.

Иако не го наведе точниот број на загинати, американскиот сенатор Роџер Маршал од сојузната држава Канзас, од каде што полетал авионот, рече дека стравува дека сите патници и членови на екипажот се мртви. Тој го рече ова на прес-конференција одржана во четвртокот рано наутро на аеродромот „Реган Вашингтон“, истакнувајќи дека „навистина е тешко кога одеднаш ќе изгубите веројатно повеќе од 60 жители на Канзас“.

„Кога еден човек умира, тоа е трагедија, но кога умираат многу луѓе, тагата е неподнослива“, рече сенаторот Маршал.

 

На истата конференција, Џек Потер, претседател и извршен директор на воздухопловната управа „Metropolitan Washington Airports“ рече дека првите екипи работат на „спасување“.

Телевизиската мрежа CBS News објави дека најмалку 18 тела биле извлечени од реката, цитирајќи полициски службеник. Два извора изјавија за агенцијата Reuters дека повеќе тела биле извлечени од Потомак.

Компанијата „American Airlines“ потврди дека во авионот имало 64 лица: 60 ​​патници и четворица членови на екипажот. Американски официјален претставник изјави дека во хеликоптерот имало тројца војници на тренажен лет.

Судирот во воздух се случил додека патничкиот авион на пат од Вичита во сојузната држава Канзас, слетувал на аеродромот „Реган“. Радио комуникацијата меѓу кулата за контрола на летањето и екипажот на хеликоптерот „Black Hawk“ укажува дека екипажот на хеликоптерот бил свесен дека во близина се наоѓа авион.

На социјалните мрежи се појави уште едно видео на кое се гледа моментот на судирот. Тоа покажува дека експлозијата по судирот создаде голема огнена топка на небото.

Пентагон објави дека веднаш покренува истрага за инцидентот, за кој претседателот Доналд Трамп, според објавата на платформата на социјалните мрежи Truth Social, се чини дека ги обвинува екипажот на хеликоптерот и контролорите на летање.

„Хеликоптерот долго време леташе право кон авионот. Ноќта беше чиста, светлата на авионот трепкаа, зошто хеликоптерот не се качи нагоре или надолу или не се сврте. Зошто контролната кула не му кажала на хеликоптер што да прават наместо да прашаат дали го виделе авионот. Ова е лоша ситуација којашто, се чини, требало да биде спречена. НЕ ДОБРО!!!“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп.

Исто така, се чини дека снимките од контролата на воздушниот сообраќај го бележат последниот обид за комуникација со хеликоптерот, со повикувачки знак PAT25, пред судирот со авионот, опишан како CRJ.

„PAT25, го имаш ли CRJ на видикот? PAT25, помини зад CRJ“, вели контролорот на летање во 20:47, според снимката на liveatc.net.

Неколку секунди подоцна, друг авион ја повикува контролата на летање и вели: „Куло, го видовте ли ова?“ – очигледно мислејќи на судирот. Контролорот на летање потоа го пренасочува авионот што се упатува кон пистата 33 и ги советува да ја заобиколат.

Во меѓувреме, спасувачките екипи преземаат акција. Шефот на противпожарната служба во Вашингтон Џон Донели на прес-конференција изјави дека најмалку 300 спасувачи и пожарникари продолжуваат да работат на „многу сложена“ спасувачка операција.

„Условите се исклучително тешки за спасувачите“, рече Донели. „Многу е студено и ветровито. На новинарско прашање дали има преживеани, тој одговори дека „сѐ уште не се знае“.

Извршниот директор на аеродромот, Потер, рече дека ќе остане затворен најмалку до 11 часот во четврток.

Во 1982 година, летот 90 на „Air Floridа“ се заби во мостот на „14-та улица“ што се протега над реката Потомак, при што загинаа 70 патници и четворица членови на екипажот. Преживеаја само четворица патници и еден член на екипажот.

Последната голема несреќа на комерцијален патнички авион во САД се случи во 2009 година. Тогаш загинаа сите 49 патници и членови на екипажот на летот на „Colgan Air“. Авионот се урна во државата Њујорк. Уште едно лице загина на местото на падот.

Но последниве години зерозна загриженост за безбеднсота на патниците предизвикува серијата инциденти кои за многу малку биле избегнати.

„Соработуваме со Националниот одбор за безбедност на транспортот како дел од истрагата и ќе продолжиме да ги објавуваме сите информации што можеме да ви ги обезбедиме“, рече извршниот директор на „American Airlines“, Роберт Исом во видео изјава.

globe

Слични новости

Украина вели дека притисокот на САД за прекин на огнот и изборите е „пропаднат план“

Украина вели дека притисокот на САД за прекин на огнот и изборите е „пропаднат план“

Помошник на украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата изјави дека повикот на САД за Украина да одржи избори по прекинот на огнот со Русија изгледа како „пропаднат план“ доколку е тоа сѐ од што се состои

Отворена кривична истрага против сопругата на Бенјамин Нетанјаху

Отворена кривична истрага против сопругата на Бенјамин Нетанјаху

Отворена е кривична истрага против Сара Нетанјаху, сопругата на израелскиот премиер, објави во неделата израелското државно обвинителство како одговор на опозицискиот пратеник кој побара кривично гонење против сопругата на Бенјамин Нетанјаху