Пожарникарите веќе петти ден се обидуваат да ги стават под контрола разурнувачките пожари во Лос Анџелес кои досега однесоа најмалку 11 жртви, а околу 180 000 луѓе се евакуирани. Огинот уништи цели станбени населби на Лос Анџелес, меѓу кои и домовите на некои од холивудските филмски ѕвезди.

Силниот ветер кој го поттикна брзото ширење на пожарите, од петокот почна да ослабнува што им овозможи на пожарникарите некои од пожарите да ги стават под контрола. Во деловите погодени од пожарот е прогласен полициски час, за да се спречи криминалците да ја искористат катастрофата.

Американскиот претседател Џо Бајден ја спореди состојбата во Лос Анџелес со “воена зона каде што цели подрачја се бомбардирани“. Додаде и дека бројот на загинати најверојатно ќе порасне. Властите во Лос Анџелес на 11 јануари прогласија вонредна состојба поради лошиот квалитет на воздухот, затоа што пепел и дим ја прекриваат целата област.

Здравствените власти предупредуваат дека димот и пепелот претставуваат „непосредна и долгорочна опасност по јавното здравје“. Напоредно со напорите да се изгаснат шест пожари кои беснеат во различни делови на градот, расте и незадоволството кај луѓето поради реакцијата на властите, а особено поради недостигот на вода во хидрантите.

Некои го повикаа гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом да поднесе оставка, а тој нареди истрага поради ситуацијата со хидрантите.

Од најмалку шесте пожари кои беснеат ширум Лос Анџелес, два се најголеми, оние кај Палисејдс и Итон.

Најголемиот е во областа Пацифик Палисејдс, каде што имаат куќи многу од славните личности, зазема 8 проценти од територијата од вкупна површина 82,5 квадратни километри.

Пожарот избувна во 10 и 30 по локално време на 7 јануари, а огинот се протега на површина од 21.000 хектари. Пожарот го гаснат повеќе од 3.700 луѓе, а досега се уништени повеќе од 5.000 објекти во Малибу и западен Лос Анџелес. Во Палисејдс во саботата беше издадена уште една наредба за евакуација затоа што пожарот продолжува да се шири.

Пожарот во Итон избувна вечерта на 7 јануари и е помал од оној во Палисејдс, но и натаму прави сериозна штета на североистокот од градот. Се протега на 14.000 хектари, со пет смртни случаи и петмина повредени. Се смета дека се изгорени или оштетени повеќе од 7.000 објекти во овој пожар што го гасат 3.000 пожарникари. Издадена е наредба за евакуација околу густо населенета област кај Пасадена.

Другите помали пожари се ставени под контрола, вклучувајќи го и ширењето на огинот во брдата над Холивудскиот булевар, каде што се наоѓа прочуеената „Алеја на славните“.

Во регионите зафатени со пожари се појавија крадци, кои крадат од куќите што се евакуирани и погодени од катастрофата, а тоа го потврди и претседателот Џо Бајден. Властите распоредија 210 полицајци во Палисејдс и Итон за да ги спречат грабежите. Во некои области досега се уапсени 20 луѓе поради грабеж на напуштените домови, поради што властите воведоа полициски час.

Штетата од пожарите веќе се проценува на десетици милијарди долари, а според некои проценки би можела да достигне 150 милијарди долари, што би ги направиле овие пожари најскапи во историјата на САД. Не се очекува дожд уште најмалку една недела.

Во околината на Лос Анџелес најмалку 200.000 луѓе се останати без струја. Сансет булевар е претворен во урнатини, а познатите банки, продавници и кафулиња се сосема уништени.

Слични новости