На почетокот на годинава, мигрантските бранови во Грција биле намалени споредбено со лани, според министерот за миграција и азил на Грција, Никос Панајотопулос, кој во интервјуто за грчката телевизија Action 24 истакна дека целта за 2025 година е да се зголемат враќањата на одбиените баратели на азил.
Панајотопулос објасни дека во јануари за 20 отсто се намалил бројот на пристигнувања во земјата, што според него е охрабрувачко, меѓутоа посочи дека во последните денови е забележан зголемен притисок во северниот дел на Егејско Море, што, како што истакна, „докажува дека нелегалните мрежи на криумчарите сè уште функционираат“.

За враќањата во земјата на потекло на лицата, чии барања за азил биле одбиени, нагласи дека се или доброволни или принудни враќања, односно административна депортација што е под надзор на грчката полиција и Фронтекс и целта за 2025 година е да се зголеми и бројот и темпото.
„Постојат две категории: оние кои имаат право на азил, како што е еден бегалец од воена зона, кој дури и нелегално да влезе во Грција, поднесува барање за азил и му се одобрува и оние чие барање е одбиено, бидејќи немаат право на азил. Вторите мора да се вратат во своите земји и овие враќања се одвиваат со интензивно темпо. Минатата година беа регистрирани околу 7,000 враќања, а од почетокот на годинава веќе се извршени околу 500, при што процесот продолжува со несмалено темпо“, објасни Панајотопулос.
Според министерот за миграција и азил на Грција во моментов во земјата се згрижени 26,000 бегалци и мигратни, бројка што пред два месеци била 28,000, а во минатото достигнала и 30,000.
„Грција се соочува и отсекогаш се соочувала со притисок, но тој е издржлив бидејќи изградивме систем што може да го издржи, истакна Панајотопулос.
Слични новости
Хрватскиот Сабор донесе закон против високи цени
Со новиот Закон во сила стапуваат и ограничувања на цените на клучни производи и услуги, како и јасно означување на производите со ограничена цена.
Годишната инфлација во Црна Гора во јануари порасна за 2,8 насто
Годишната стапка на инфлација во Црна Гора во јануари порасна на 2,8 од декемвриските 2,1 насто и сега е највисока за последните шест месеци, објави денеска црногорската управа за статистика Монстат.
Косово: Специјалното обвинителство обвини две лица за шпионажа во корист на српска БИА
Косовското Специјално обвинителство денеска соопшти дека поднело обвинение за шпионажа против две лица кои, според пишувањето на медиумите во Приштина, биле соработници на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА), пренесе Бета.