Германскиот сектор за електроника и оптички производи чувствува недостиг од чипови, покажа студија на институтот ifo објавена во средата, што сигнализира последици од кинеските ограничувања за извоз.
Околу 10,4 отсто од компаниите се пожалија на недостиг во октомври, откри ifo. Нивниот удел беше само 3,8 отсто во април.
„Контролните механизми и трговските ограничувања за ретките земни минерали земаат данок. Доколку трендот продолжи и се влоши, тоа негативно ќе влијае на економскиот раст“, предупреди директорот за истражување на институтот, Клаус Волрабе.
Пекинг ги заостри контролите за извоз на ретките земни минерали и магнети во индустриите за производи со двојна намеа, кои се неопходни првенствено за технолошки производи и системи за оружје.
Кина има најголеми резерви на оваа група минерали во светот и најголем капацитет за нивна преработка.
Ограничувањата силно ги погодија и германските производители на електрична опрема, при што 10 отсто од нив пријавија недостиг во истражувањето на институтот, во споредба со 5,5 отсто во индустријата како целина.
„Нивниот удел е неспоредлив со просекот пред пандемијата“, забележува Волрабе.
Од друга страна, германските производители на автомобили доживеале само спорадични проблеми со снабдувањето, покажа истражувањето, при што Волрабе забележува дека повеќето компании биле анкетирани на почетокот на октомври, пред холандското преземање на домашниот производител на чипови „Nexperiа“ од кинеска сопственост и жестокиот одговор на Пекинг.
Бројките за ноември би можеле да покажат поинаква слика, предупреди раководителот на истражувањето на ifo.
Досега најголемата криза со снабдувањето е забележана на крајот на 2021 година, кога 81,9 отсто од компаниите се пожалиле на недостиг, забележува новинската агенција dpa.
Слични новости
Секоја четврта продавница не издава фискални сметки
До крајот на ноември годинава, Управата за јавни приходи (УЈП) спровела околу 4.000 контроли за регистрирање на готовинскиот промет, што претставува зголемување за 2,5 пати во однос на истиот период минатата година
Доларот падна во однос на кошничка валути втора седмица по ред
На светските пазари, вредноста на американскиот долар во однос на кошничка валути падна минатата седмица, втора по ред, бидејќи инвеститорите веруваат дека американската централна банка ќе ги намали клучните каматни стапки следната седмица
Раст на светските берзи, се чека намалување на каматните стапки во САД
Цените на акциите на светските берзи пораснаа минатата седмица, втора по ред, благодарение на верувањето на инвеститорите дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки следната седмица


