Германската економија веројатно ќе стагнира и следната 2025 година под притисок на кризата во индустријата и посочените американски царини, процени во четвртокот Институтот за светска економија (IfW) со седиште во Кил.

Германскиот бруто домашен производ (БДП) годинава ќе се намали за 0,2 отсто, според новите пресметки на IfW, двојно посилно отколку што покажуваа есенските прогнози.

Во 2025 година, активноста ќе стагнира, проценува институтот. Претходните прогнози укажуваа на раст на активноста од 0,5 отсто.

„Германската економија се заглави во стагнација и во моментов нема видливи знаци на забележливо заживување на активноста“, заклучува IfW.

Проценката за следната година беше намалена поради влошувањето на кризата во индустријата и очекуваните американски царини по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.

Неочекувани надворешни фактори можат да донесат и минус, но и плус во економската активност, посочува шефот на институтот Мориц Шуларик, истакнувајќи дека „протекционистичките планови на новата американска влада веројатно дополнително ќе го забават (германскиот) извоз“.

Германските извозници веќе не можат да го одржат чекорот со светот поради ослабената конкурентност, предупредува институтот, проценувајќи дека германскиот извоз најверојатно ќе се намали за еден процент и оваа и следната година.

Закрепнување може да се очекува дури во 2026 година, кога според нивните проценки испораките би требало да се зголемат за 1,8 отсто.

„Во меѓувреме, рецесијата стаса и на пазарот на трудот и стапката на невработеност веројатно (во 2025 година) ќе се зголеми на 6,3 проценти“, од овогодинешните шест проценти, забележува институтот.

Новата влада би можела да помогне да се дефинира појасна насока за економијата, додаваат економските експерти, а „периодот на изразена економска и политичка несигурност би можел да се скрати за повеќе од половина година“.

globe

Слични новости

Доларот зајакна, цената на нафтата падна

Доларот зајакна, цената на нафтата падна

На валутните пазари во четвртокот во претпладневното тргување вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути силно порасна по пораките на американската централна банка и се приближи до највисокото ниво во последните две години

Волстрит нагло падна по пораката на Fed

Волстрит нагло падна по пораката на Fed

На Волстртит цените на акциите нагло паднаа во средата, при што индексот Dow Jones се лизна десетти ден со ред, откако челниците на американската централна банка порачаа дека треба да биде забавено темпото на намалување на каматните стапки

Цените на нафтата благо пораснаа кон 74 долари

Цените на нафтата благо пораснаа кон 74 долари

Цените на нафтата се зголемија во средата, поддржани од податоците за падот на залихите на сурова нафта во САД, додека инвеститорите претпазливо го очекуваат потенцијалното дополнително намалување на стапката на централната банка на САД