Неандерталците изумреле пред околу 39.000 години, но во извесна смисла овие наши блиски роднини не исчезнале – нивното наследство живее во геномот на повеќето луѓе на Земјата благодарение на вкрстувањето меѓу двата вида.

Новото истражување ја дава најточната проценка досега дека врвот на ова генетско мешање се случил пред околу 47.000 години. Истражувањата покажаа како компонентите на неандерталскиот геном го обликувале човечкиот геном во функции како што се пигментацијата на кожата, имунолошкиот одговор и метаболизмот.

Една група научници ги испитувала геномите на три женски и три машки хомо сапиенса кои живееле пред околу 45.000 години врз основа на коски пронајдени во пештера во германскиот град Ранис, и еден геном на жена од приближно истиот период чиј череп бил пронајден во пештера на планината Злати кун во Чешка.

 

Студијата објавена во списанието Nature, која ја вклучува најстарата ДНК на хомо сапиенс некогаш секвенционирана, покажа дека двата вида се измешале помеѓу 49.000 и 45.000 години.

Друга група научници го испитувала геномот на 300 денешни и древни хомо сапиенси, вклучително и 59 кои живееле меѓу 2.000 и 45.000 години. Студијата, објавена во списанието Science, даде опсег на датуми на мешањето од пред околу 50.500 до 43.500 години.

Научниците го опишаа вкрстувањето, за кое беше откриено дека е од понов период од претходните проценки, како еден продолжен период на проток на гени што опфаќа многу генерации.

Тешко е да се знае природата на интеракцијата меѓу хомо сапиенсите и неандерталците врз основа на податоците од геномот, освен да се каже дека тие се мешале и заедно имале деца. Истражувачите не можеле географски да утврдат каде се случило вкрстувањето, но процениле дека тоа би можело да биде некаде на Блискиот исток.

Неандерталците, официјално наречени „Хомо неандерталенсис“, биле поцврсто изградени од хомо сапиенсите. Тие живееле од пред околу 430.000 години до нивното исчезнување релативно брзо откако „Хомо сапиенс“, вид кој се појавил пред околу 300.000 години во Африка, се проширил во областите населени со неандерталци на Блискиот исток, Европа и Азија. Претходните истражувања покажаа дека неандерталците биле интелигентни, создавале уметност и користеле сложени методи на групно ловење, пигменти за сликање на телото, симболични предмети, а можеби и говорен јазик.

Повеќето луѓе денес имаат гени наследени од неандерталците, приближно 1-2 отсто од својот ДНК.

„Неандерталците живееле надвор од Африка илјадници години пред да пристигнат (тогаш) модерните луѓе и најверојатно биле приспособени на климата и патогените надвор од Африка. Затоа, некои од нивните гени можеби биле корисни за модерните луѓе”, вели генетичарката Прија Моорџани од Универзитетот Беркли во Калифорнија, една од водителите на истражувањето.

На пример, варијанта на имунолошкиот ген наследена од неандерталците штити од коронавируси како оној што ја предизвика пандемијата „Ковид-19“. Фреквенцијата на некои неандерталски гени вклучени во имунолошкиот систем и пигментацијата на кожата кај хомо сапиенсот се зголемува со текот на времето, што укажува на нивната вредност за преживување.

„Насрпти тоа, некои геномски региони се речиси лишени од неандерталско потекло“, рече Моорџани.

Меѓу единките од локалитетот Ранис, идентификувани се мајка и ќерка, кои се во далечно сродство со жената од Злати кун, област оддалечена околу 230 километри.

Геномите го откриле нивниот физички изглед.

„Овие рани Европејци броеле само неколку стотини и имале темна кожа, темна коса и кафени очи, што го одразува нивното доаѓање од Африка“, вели еден од научниците, зооархеологот Џеф Смит од Универзитетот Рединг во Англија.

Овие рани хомо сапиенси во Европа се соочиле со суровите услови на леденото доба. Податоците од геномот на единките од Ранис и Злати кун покажаа дека тие денес немаат живи потомци, што укажува дека нивната популација е изумрена и претставува изгубена гранка од човековото семејно стебло.

Тие, исто така, го илустрираат опасниот пејзаж во кој живееле.

„Трагите на черепот укажуваат на предатори, веројатно хиени, коишто или ја нападнале или го изглодале черепот по смртта“, вели еволутивниот генетичар Арев Зимер од Институтот за еволутивна антропологија Макс-Планк во Германија, еден од водечките научници во истражувањето.

Долго време се дебатира за судбината на неандерталците.

„Постојат различни идеи за тоа каква улога играле модерните луѓе во изумирањето на Неандерталците. Сметаме дека е барем веројатно дека релативно мала надоаѓачка модерна човечка популација можеби се споила со дел од веројатно уште помалата неандерталска популација во регионот во тоа време. Имајжи предвид дека нивната ДНК е присутна во денешните човечки геноми, тие се, на некој начин, живи и здрави и поуспешни од кога и да е“, вели Зимер.

globe

Слични новости

Американската морнарица му оддаде признание на Том Круз за улогата во „Топ Ган“

Американската морнарица му оддаде признание на Том Круз за улогата во „Топ Ган“

Американската морнарица му додели специјална цивилна награда на холивудскиот актер Том Круз за „зголемување на регрутирањето на пилоти“ со неговата улога како поручник Пит „Маверик“ Мичел во „Топ Ган“

Откриен најстариот доказ за христијанството северно од Алпите

Откриен најстариот доказ за христијанството северно од Алпите

Записот се наоѓа на сребрена фолија и се состои од 18 редови испишани на латински јазик, а адтира од периодот меѓу 230 и 260 година од новата ера.
Фолијата била замотана во мала сребрена амајлија. Како што наведуваат германските археолози, артефактот беше пронајден во една гробница од третиот век во градот Хесе, каде што некогаш се наоѓал античкиот римски град Нида.