Српскиот претседател Александар Вучиќ во четвртокот предупреди дека студентските протести во неговата земја се всушност резултат на заговор поттикнат од странство, додека лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, му даде безусловна поддршка, обвинувајќи ги студентите дека ја ослабуваат Србија.
Додик и Вучиќ организираа свечена академија во Бања Лука со цел заеднички да го одбележат Денот на српската државност, кој го прогласија за ден државноста во Република Српска, а таква одлука беше содржана и во декларацијата на т.н. Пансрпско собрание одржано во јуни 2024 година.
Собирот во Бања Лука беше организиран и како доказ дека оваа декларација се спроведува, а патувањето на Вучиќ во Босна и Херцеговина беше негово прво патување во странство откако започнаа масовните студентски протести против неговата влада во Србија, предизвикани од трагедијата во Нови Сад кога се урна настрешница во близина на железничката станица, при што загинаа 15 луѓе.
Во говорот за време на церемонијата во Бања Лука, обележана со патос, Вучиќ тврдеше дека тој и неговата влада постојано подаваат рака за соработка, дека на никаков начин не ја загрозуваат БиХ и ги почитуваат нејзините жртви, но не добиваат ништо за возврат.

Рече дека Србија сака само мир и стабилност, а БиХ е виновна затоа што наводно постојано се занимава со тоа кој ќе биде на власт во Белград. Вучуќ додаде дека изминатите 100 дена му биле многу тешки, иако не се плаши од можно губење на власта, но индиректно ги обвини некои од студентите кои протестираат дека се странски платеници.
„Не можевме да поверуваме колку пари се дадени однадвор за промена на власта во Србија“, рече Вучиќ, заблагодарувајќи му се на Додик што „не ѝ го сврте грбот на Србија“ за разлика од другите познаници на кои се пожали, велејќи дека од почетокот на протестите сè помалку контактирале со него.
Додик е меѓу ретките политичари кои додека траат протестите во Србија му изразија безусловна поддршка на Вучиќ, а тој ги осудува студентите обвинувајќи ги во четвртокот дека ја ослабуваат Србија, наводно со „поддршка наАнгличаните“, кои ги прогласи за „најголемите непријатели“ на Србија.
Во својот говор, Додик му посака добредојде на Вучиќ во „државата на српскиот народ во Република Српска“, велејќи дека е нормално тој ентитет и Србија да имаат ист ден на државност и истакна дека сите босански Срби го поддржуваат Вучиќ затоа што тој им ветил дека никогаш повеќе нема да бидат прогонувани во „какви било нови бури“, алудирајќи на акцијата на хрватските сили во средината на 1990-те кога стотици илјади Срби мораа да ја напуштат Книнска краина во Далмација, каде живееја со векови.
Додик потоа рече дека Република Српска „мора да го води својот процес на ослободување против БиХ“. „Овие луѓе ќе треба да го изберат моментот (за тоа)“, се закани Додик.
Значителен број бошњачки политичари во БиХ го осудија собирот во Бања Лука, опишувајќи го како провокација.
Членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, рече дека Вучиќ треба да знае дека не постои концепт на државност за Република Српска, бидејќи тој ентитет „не бил и никогаш нема да биде држава“.
Боѓњачката Партија за демократска акција (SAD) доаѓањето на Вучиќ во Бања Лука по повод Денот на српската државност го нарече чин на отворена агресија и најотворен напад на територијалниот интегритет на БиХ досега.
Министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез (SDP BiH), сепак, рече дека Вучиќ пристигнал во Бања Лука „како бегалец бидејќи не го сакаат во ниту еден поголем град во Србија, каде што расте поддршката за студентските протести“.
„Прославувајќи го имагинарен заеднички празник меѓу Србија и помалиот босански ентитет во нејзината соседна држава Босна и Херцеговина, Вучиќ сака да предизвика криза во Босна и Херцеговина и во регионот и да го оттргне вниманието, барем за кратко, од општествено-политичката криза во Србија“, рече Хелез.
Тој оцени дека немало разлика меѓу политиката на Вучиќ и онаа на Слободан Милошевиќ, освен што Милошевиќ се обидел да ја прошири Србија преку реката Дрина со тенкови и агресија, додека Вучиќ тоа го прави со постојано предизвикување кризи.

Слични новости
Романија: Одбиена жалбата на Џорџеску против забраната за кандидирање на претседателските избори
Жалбата на романскиот крајно десничарски европскептичен политичар Калин Џорџеску против одлуката да му се забрани да се кандидира на повторените претседателски избори во земјата беше отфрлена во вторникот
ЕУФОР: Распоредуваме воено засилување во БиХ
Военото засилување на ЕУФОР во Босна и Херцеговина почна да пристигнува, потврди во вторникот командата на силите на Европската унија во Сараево
Руте: НАТО нема да дозволи да биде загрозен мирот во БиХ
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте повика во понеделникот во Сараево кризата во Босна и Херцеговина да се смири со одговорно однесување на нејзините политичари, што не ги спречи членовите на Претседателството на БиХ да се расправаат пред него