Масовниот протестен марш на кој се побара правда за загинувањето на младата Фросина Кулакова, заврши пред Кривичниот суд каде илјадници граѓани извикуваа „Убијци“. Претходно, пред Собранието, таткото на Фросина, Тодор Кулаков одржа говор – „кој ќе плати повеќе мито, тој добива, а по правило, без исклучок, криминалците и нивните адвокати добиваат“
Протестниот марш на кој се бара правда за 22-годишната Фросина Кулакова, која загина во сообраќајна несреќа на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, заврши пред Кривичниот суд.
Таму илјадниците присутни граѓани извикуваа „Убијци“, „Системски промени“, „Правда за Фросина“, „Затвор за Васил“.
На сите локации на кои помина протестниот марш – почетната точка кај Универзалната сала на „Партизанска“, пред Собранието и на крајот пред Кривичниот суд, беше одржан триминутен молк со кој беше оддадена почит за младата Фросина. Молкум граѓаните светеа со подигнати телефони.
Претходно, додека граѓаните застанаа пред Собранието, говор одржа таткото на Фросина, Тодор Кулаков.
„Се работи за систем и антисистем. Од една страна системот ни создава универзални вредности, правила базирани на длабоки и цивилизациски коректни начела, каде што децата се учат во домовите, школите и црквите. Затоа некои од нив, заради таквиот хуманистички пристап, стануваат херои на нашето време. Дозволете ми Фросина да ја сместам во тие херои на нашето време. Другите, оние кои се задоени со чемерот на антисистемот, претворајќи се во наркодилери, насилници, убијци, заедно со тешко потплатени судии, обвинители и други, кои судии, обвинители, проценители и извршители направија балкански дуќани, друштва за наддавање како аукциски куќи – кој ќе плати повеќе мито, тој добива, а по правило, без исклучок, криминалците и нивните адвокати добиваат“, рече Кулаков.
Протестниот марш почна околу 17 часот на местото на кое загина младата Фросина Кулакова кај Универзалната сала на „Партизанска“. Маршираа илјадници граѓани извикувајќи „Бараме правда“.
Во првите редови во поворката беа членовите на потесното семејство на Фросина. Присутните граѓани чекореа и извикуваа „Сакаме правда“ и „Нема правда – нема мир“. Се носеа и црни маички на кои пишува „Правда за Фросина“.
Подигнати беа многу транспаренти. На некои од нив пишуваше „Секој еден може да е следен“, „Безбедноста е право, а не привилегија“, „Судии убијци“ и „Крвта е на ваши раце“.
Дваесет идвегодишната Фросина Кулакова загина во сообраќајна несреќа што се случи во средата пред полноќ (29 јануари) откако во неа со автомобил удри 20-годишниот Васил Јованов, кој сега е во притвор. За него подоцна беше објавено дека нема возачка дозвола, дека возел со 130 килметри на час и дека бил под дејство на алкохол, но и дека и претходно учествувал во кривични дела.
Ваквите информации предизвикаа незадоволство кај граѓаните кои прво се собраа на масовен протест во петокот што почна на местото на кое загина Фросина, а заврши пред Кривичниот суд. Протест беше одржан и во родниот град на Фросина, Неготино. Граѓаните побараа одговорност и за судијката која многумина ја обвинуваат дека претходно го спасила од притвор проблематичниот возач.
Претходно денеска протест се одржа и во Кавадарци на кој сестрата на загинатата Фросина Кулакова, Росица, порача дека правда за Фросина мора да има и посака ваков случај никому да не му се повтори.
Таа својот говор го започна со зборовите дека општеството е огледало на вредностите што ги носат оние што го водат, а децата се најчистиот одраз на своите родители.
„Не може да се очекува чесно и одговорно управување од луѓе кои не успеале да ги всадат основните морални и општествени вредности дури ни во сопствениот дом. Доделувањето државни функции не смее да се сведува само на формални образовни критериуми. Јавните функции мора да ги извршуваат луѓе со интегритет, кои своите карактери и вредности ги покажале и во сопствениот живот. Како граѓани, како родители и како дел од заедницата, оној што не успеал да го воспита сопствениот наследник да ги почитува законите, да разликува добро од зло и да живее чесно, не може да бара доверба да управува со државата. Напротив, ваквите лица не смеат да добијат јавна функција. Тие треба да одговараат за своето дејствување, но и за криминалните постапки на своите помлади полнолетници“, рече Кулакова.
Одговорност за таткото на возачот и за судијката Алексовска-Стојановска, побара сестрата на загинатата Фросина Кулакова на протестот во Кавадарци.
Слични новости
Во еден ден во вонредна контрола одземени 70 мобилни телефони од затвореници во затворот „Скопје“, за 100 полициски службеници се водат дисциплински постапки
Суспендиран е затворскиот полицаец којшто го пренел телефонот до Васил Јованов во притворското одделение во Шутка, но истрагата нема да заврши тука, уверува директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов во интервју за вечерашната „Топ тема“ на телевизијата Телма
Во петок јавна расправа за законски измени за безбедноста во сообраќајот во Собранието
Членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците со 11 гласа „за“ денеска изгласаа одлука во петок во Собранието да се одржи јавна расправа на тема „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот
Обвинителството тврди дека Палевски го вози „реното“ на денот на грабнувањето на девојчето, одбраната, пак, дека на видеата се гледаат силуети и бара ДНК анализа
Обвинителство на денешното рочиште за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и пензинерот Панче Жежовски презентираше видео записи од камерите на системот за надзор на сообраќакот „Сејф сити“ на кои тврди дека се гледа дека првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо го вози аавтомобилот „рено кангу“ на денот на грабнувањето на осмоодделенката, а одбраната на Палевски вели дека се гледаат силуети и бара ДНК анализа