Холандската влада во понеделникoт објави дека го презема производителот на чипови „Nexperia“, наведувајќи ја желбата да спречи трансфер на технологија на кинескиот сопственик „Wingtech“.
Владата „исклучително“ одлучи да интервенира, одговарајќи на „акутни сигнали за сериозни административни недостатоци и мерки“ во „Nexperia“, соопшти Министерството за економија во соопштение објавено во недела вечерта.
„Овие сигнали го загрозуваат континуитетот и заштитата на клучните технолошки знаења и способности на холандска и европска почва“, се вели во соопштението на Министерството, истакнувајќи дека нивното губење може да претставува ризик за холандската и европската економска безбедност.
За да ја преземе контролата врз компанијата, министерството на 30-ти септември се повика на закон кој гарантира достапност на стоки во итни ситуации.
„Nexperia“ продолжува да произведува, а со преземањето на контролата, владата може да ги поништи или блокира одлуките што ги смета за штетни.
Од „Wingtech“, од друга страна, изјавија дека имаат намера да ги заштити своите права и ќе побара поддршка од владата.
„Компанијата активно разговара за правни лекови и стратегии со меѓународни адвокатски фирми и ќе преземе сите потребни мерки за заштита на легитимните права и интереси на компанијата и акционерите“, се вели во соопштението на „Wingtech“.
Управата на компанијата, исто така, е во контакт со кинеските власти за да обезбеди потребна помош.
Во поднесеното барање до берзата, „Wingtech“ објави привремено ограничена контрола врз работењето на „Nexperia“ поради холандската одлука и судските пресуди.
Со одлуката на судот во Амстердам од 6-ти октомври, беше суспендиран извршниот директор на „Nexperia“, Жанг Сјуеженг, а на негово место ќе биде назначено независно лице со „одлучувачки глас“ без врски со Кина, забележуваат од „Wingtech“.
„Nexperia“ ги почитува „сите постојни закони и прописи, контроли на извозот и санкции“, изјави портпаролот на компанијата, одбивајќи да коментира понатаму.
Холандската компанија е еден од водечките светски производители на едноставни компјутерски чипови, како што се диоди и транзистори, но исто така развива и понапредни технологии кои треба да ја подобрат ефикасноста на батериите.
Во 2018 година, „Wingtech“ ја купи „Nexperia“ од холандскиот „Philips“ за околу 3,63 милијарди долари.
Во декември 2024 година, „Wingtech“ беше додаден на американскиот список на компании што претставуваат потенцијална закана за националната безбедност. Менаџментот на „Nexperia“ во тоа време нагласи дека ќе се придржува до санкциите, истакнувајќи дека тоа нема значително да влијае на неговото работење бидејќи не е поврзано со „Wingtech“.
Во септември САД го проширија списокот на критериуми за вклучување во списокот со санкции, кој сега автоматски ги вклучува подружниците во сопственост на 50 отсто или повеќе од санкционираните компании.
Поврзаноста на овој потег со активностите на холандската влада не беше веднаш потврдена, забележува Reuters, а двете земји инаку тесно соработуваат по прашањата за контрола на извозот во секторот за чипови.
Потегот на холандската влада дополнително ќе ги влоши тензиите во односите со Пекинг, кои веќе се оштетени од ограничувањето на испораките на машините за производство на чипови на ASML до кинеските клиенти.
Слични новости
„Аmazon“ со уплата од 180 милиони евра ја затвори истрагата за можна дночна измама во Италија
Подружница на американскиот гигант за е-трговија „Amazon“ им плати околу 180 милиони евра на италијанските даночни власти и го укина својот систем за следење на испораките со цел да ја затвори истрагата за можна даночна измама и експлоатација на работници
Цените на храната паднаа и во ноември
Цените на храната паднаа и во ноември, трет месец по ред, со значително намалување на цената на млекото и млечните производи и растителните масла, објави во петокот агенцијата за храна и земјоделство на Обединетите нации
РКЕ ги намали надоместоците за дистрибуција, пренос и за операторот на пазарот на електрична енергија
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за 3,64 отсто го намали надоместокот за дистрибуција на електрична енергија, односно за користење на електродистрибутивниот систем на Електродистрибуција од 1 јануари 2026 година


