Со денови главна вест во Грција се изјавите на претседателката Гордана Силјановска која го употреби терминот Македонија наместо уставното име Северна Македонија за време на заклетвата во парламентот и најавата на идниот премиер Христијан Мицкоски дека негово лично право е дома да си ја нарекува татковината како што сака. Тој нагласи и дека смета оти со тоа не се прекршува Преспанскиот договор и дека Грција ако сака може во судот во Хаг да докажува дали е тоа повреда на договорот или не.
Се разбира ова предизвика исклучително остри реакции во Грција каде што повторно се актуелизира македонското прашање. Во дискусијата се вклучија професори по меѓународно право, експерти за надворешна политика, новинари, сериозни политичари и екстремно популистичкиот фолклор кој се израдува на шансата на ова прашање да набилда некој процент рејтинг пред изборите за европски парламент што наскоро ќе се одржат во Грција. Во Атина се многу лути.
Многумина на почетокот изјавата на Силјановска ја толкуваа како личен хир, или намерен лапсус со кој на почетокот од мандатот се оддолжува на тврдото гласачко тело, но дека во иднина ќе го приспособи вокабуларот за да не го загрози овој меѓународен договор. Но, во политиката, особено надворешната и во дипломатијата, нема индивидуална вокација и волунтаризам. Лексиката е одраз на концепт, политика и стратегија. Набргу тоа го повтори и лидерот на партијата кој соопшти дека тој како премиер и претседателката ќе дејствуваат усогласено во оваа сфера.
ВМРО-ДПМНЕ по седум години минати во опозиција бездруго се подготвуваше за денот кога повторно ќе ја презеде власта, така што, ни најмалку не верувам дека тука станува збор за некакви импровизации. Ова е тврда политика во однос на националните прашања и порака до Атина, Софија и Брисел дека новата влада нема намера да има мек, попустлив па дури и субмисивен однос кон битни идентитетски прашања, како што беше случајот со претходната влада, која предизвика пониженост кај македонскиот народ.
Дали е претврдо од старт да се расклатат релативно коректните односи со Грција кои едвај се испеглаа по 30 години спор за името и блокади? Можеби. Исходот ќе покаже дали новата власт се преигрува по ова прашање или сето ова има смисла и ќе донесе резултат.
ВМРО-ДПМНЕ има оправдан сомнеж во искреноста на ЕУ да спроведе ефикасно и брзо проширување со земјите од Западен Балкан и веројатно има длабока скепса кон лицитациите со термини 2030 (Шарл Мишел), па дури и апсурдната 2027 со која почна лицитации Верхеи. Предолго се преповторуваше мантрата само сменете го името и договорете се со Грција па патот кон членство ќе ви биде отворен. Нема висок европски државник што го нема ова изјавено, за потоа, откако се испорача, да има разни изговори зошто не почнуваат преговорите. Тука довербата е неповратно загубена.
Франција прва го блокираше процесот по Преспанскиот договор повикувајќи се на неефикасна методологија во пристапниот процес, па во меѓувреме кога тие прилично нејасни забелешки што се поткладоа како причина за вето немушто се испеглаа, Софија веќе беше спремна за нови условувања кои немаат никаква врска со Копенхагенските критериуми, најпрвин како 5+1, за на крај откако претера со негирање на идентитетот и јазикот на цела една европска нација, веројатно според совет на европски партнери, да се насочи кон „човекови права“ ( која самата не сака да чуе да ги почитува според европски терк) и барање бугарското малцинство да влезе во македонскиот Устав. Но, не како единствен, туку како прв услов за откочување на процесот и можности за вето при секој застој во работата на историските комисии и отворена врата за злонамерни и еднострани интерпретации на протоколите од Договорот за добрососедство и соработка.
Од тој аспект, добро е што новата влада не покажува целосна, па дури и наивна верба во процесот на проширување што ја демонстрираше владата на СДСМ и ДУИ. Треба да се тестира ЕУ дали е сериозна во процесот на проширување, дали има конзистентна и јасна слика како треба да се одвива и кога да заврши овој процес, дали ќе има потклавања и утешни награди ( Европа на две брзини) или ќе се дискутита за рамноправно членство и еден куп други прашања кои предизвикуваат скепса, а си ги отвори самата ЕУ. Оттука, јасно е дека Скопје нема да брза да му повладува на Брисел по секоја цена, додека самата ЕК не испорача некакви гаранции дека е сериозна во однос на проширувањето и дека бугарските услови формулирани како 5+1, преку ноќ нема да станат 25+1 и дека нема да се преговара In a bad faith, каде што земјата која е членка на ЕУ нема да поставува нови и нови услови додека целосно не го обезличи идентитетот на оној што е условен да исполнува барања и да прави компромиси.
Се разбира, легитимно е прашањето зошто се отвара фронт со Атина која и тоа како ни е потребен како сојузник, или во најмала рака неутралец кој нема да прави проблеми, ако фокусот се разговорите со Софија. Отварање на повеќе едновремени фронтови е погрешна политика дури и кога си многу силен, ( Германија во Втората светска војна) а не пак во ситуација кога си послаб. Овој потег, искрено, изненади многу луѓе што разбираат политика, кои не можат да најдат целосна смисла во торпедирање на односите со Атина од стaрт.
Моја претпоставка е дека разврските на сиве овие прашања ќе почнат да се насетуваат по изборите за европскиот парламент.
Прво: Бугарија и Грција ќе излезат од предизборен период.
Второ: Ќе имаме чиста слика за распоредот на силите во новиот европски парламент.
Трето ќе видиме како таму ќе се позиционира ВМРО ДПМНЕ затоа што има навестувања за формирања на нови политички сојузи кои ќе произлезат од народните (демохристијански) партии за што веќе работи Макрон со ново либерално движење, но и нова моќна политичка сила составена од популистички десници во кое ќе учествуваат Орбан, АФД, ЛеПен, можеби и Мелони и други европски партии кои се власт или сериозна опозиција.
Четврто: Тогаш и појасно ќе се формулира политиката на новата Европска комисија кон проширувањето.
Петто: Ќе видиме како кон тоа ќе се постават САД и Стејт департментот. Дали ќе почувствуваат дека со новите дипоматски конфликти и предолгата нејасна европска перспектива на некои од сојузниците во НАТО, делумно или целосно почнуваат да губат сојузници. Секако стратегиски и безбедносен интерес на САД е да не дозволат тоа да се случи. Досега Вашингтон не беше активно вклучен во спорот меѓу Софија и Скопје. Ако стане покомпликувано со повеќе центри вклучени во спорот и ако почувствуваат дека реално се загрозени нивните стратегиски интереси, тогаш и тие ќе се вклучат. Тоа ќе биде сосема нова игра. Не е извесна дека ќе се случи. Никој не знае дали САД имаат желба и капацитет натаму да се вклучуваат во микроменаџирање на разни регионални невралгични точки на геополитичката мапа -особено кога имаат страшни проблеми на Блискиот исток и во Украина и други поранешни земји од Советскиот Сојуз, или пак ќе се вклучат со тешка артилерија веднаш, токму за да немаат и други сериозни проблеми.
Во секој случај влегуваме во сосема нова ера на македонската надворешна политика и јасен сигнал дека Скопје нема да го продолжи континуитетот на претходната влада кој симплифицирано може да се формулира како „подготвени сме да ги испорачаме сите компромиси што ги барате од нас“. Напротив, новата влада од старт испраќа сосема неочекувана порака – имате проблем дури и за прашања што мислевте дека се затворени. Се разбира дека станува збор за многу ризична политика, на граница на ирационално поведение. Можеби новата влада со контактите преку сестринските партии во Европа има информации дека лицитациите со термините за проширувањето се шарена лага и дека Софија наместо да го намалува ќе го зголемува товарот, па тогаш зошто купишта нови компромиси? Да не се лажеме Преспанскиот договор беше трампа: Промена на име за европска иднина. Името се смени, европска иднина нема. Или има некоја нејасна, со повеќе услови од моментот кога Европа не уверуваше дека проблемот е само промената на името. Без јасна европска перспектива, а во ВМРО ДПМНЕ има многумина што размислуваат дека дури и со таква перпектива, компромиси со идентитетски прашања не смее да се прават.
Слични новости
Победата на Трамп и кризата на традиционалните медиуми
Кампањата на Трамп не беше фокусирана дури ни кај традиционалните медиуми кои го поддржуваат како медиумите на Руперт Мардок. Очигледно е дека Трамп и неговите советници за кампања и медиуми подобро и повеќе знаеја која е Америка, што гледа и што слуша, откако нивната стратегија доби јасна верификација со изборниот резултат.
Македонија заостанува цел век во однос на интернет регулацијата
За цел свет, лажните вести и тешкотиите со регулацијата на цоцијалните медиуми и интернет просторот е главна тема. Македонија нема таков проблем. Си се однесува како да не постои интернет.
Силата на новата десница
Можеби најзначајно од се во идеолошка смисла, е паѓањето, или барем поместувањето на таканаречениот „санитарен кордон“ околу есктремната десница.