Во услови на дебата за зголемување на одбранбената подготвеност на Европа, во Германија се зголемуваат барањата за враќање на воената регрутација, која беше укината во 2011 година.
„Во моментов ни требаат најмалку 200.000 регрути секоја година, веројатно 260.000 од летото, а сега доброволно се пријавуваат само околу 180.000“, изјави за јавната телевизија ARD Марсел Бонерт од Сојузот Бундесвер, организација која ги застапува интересите на војниците и вработените во Бундесверот.
Воените експерти сметаат дека идните барања на НАТО од нејзините членки ќе одат во насока на поголема воена структура.

За воведување на воениот рок годинава апелира и Здружението на резервни војници.
„Воената обврска мора да биде вклучена во коалицискиот договор на идната влада“, вели Патрик Зензбург, претседател на здружението на резервисти.
Претставниците на демохристијаните од Унијата CDU/CSU и Социјалдемократската партија на Германија (SPD) во моментов се во преговори за формирање коалициска влада. За време на преговорите, тие одлучија да формираат посебен фонд за финансирање на одбраната и модернизацијата на Бундесверот во светло на промените што ги донесе одбранбената политика на НАТО.
Повторно воведување на воениот рок бараат и некои водечки политичари од Унијата CDUУ/CSU, која победи на предвремените парламентарни избори на 23 февруари.
„Потребни ни се значително повеќе ресурси за да го подготвиме Бундесверот за променетата глобална безбедносна ситуација. Ова вклучува воведување воен рок“, рече Хендрик Вуст, претседател на Христијанско-демократската унија (CDU) во најнаселената германска покраина Северна Рајна-Вестфалија.
За потребата од воведување на задолжителен воен рок се заложија и претседателот на Христијанско-социјалната унија (CSU) и баварскиот премиер Маркус Зедер.
Воениот рок беше укинат во 2011 година за време на владата на Ангела Меркел, а една од причините беше неможноста да се исполни желбата за служење војска на сите припадници на една генерација.
Потоа беа затворени и бројни касарни низ Германија. Актуелниот министер за одбрана Борис Писториус (од SPD) затоа е против воведувањето воена служба.
„Нема да имаме каде да ги сместиме сите регрути од една генерација“, рече Писториус.
Слични новости
Руските сили заземаат сѐ поголема територија во Курск, според извори
Руските сили направија дополнителен напредок во регионот Курск во понеделникот како дел од големата операција чија цел е да принудат илјадници украински војници да го напуштат западниот руски регион или да се предадат, објавија проруските воени блогери на кои се повикува Reuters
Марк Карни е новиот лидер на либералите и канадски премиер
Поранешниот гувернер на канадската централна банка, Марк Карни, победи во трката за нов челник на владејачката Либерална партија и ќе го замени Џастин Трудо на функцијата премиер
Спор околу Starlink, Рубио ѝ порача на Полска да биде благодарна
Американскиот државен секретар Марко Рубио во неделата го обвини полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски дека „измислува работи“ и рече дека е неблагодарен, откако Сикорски рече дека Украина можеби ќе треба да бара алтернатива за сателитската услуга Starlinк