Цените на акциите пораснаа на Волстрит во средата, откако американската централна банка ги задржа проценките за намалување на каматните стапки, а нејзиниот претседател рече дека не се очекува значителен економски пад.
Индексот Dow Jones порасна за 0,92 отсто, на 41.964 поени, додека S&P 500 порасна за 1,08 отсто, на 5.675 поени, а индексот Nasdaq за 1,41 отсто, на 17.750 поени.
На редовниот состанок во средата, челниците на Fed одлучија, очекувано, да ги остават клучните каматни стапки непроменети во опсег меѓу 4,25 и 4,50 отсто. Сепак, инвеститорите беа охрабрени од фактот што челниците на Fed ја задржаа својата проценка од минатата година дека ќе ги намалат каматните стапки двапати во 2025 година за по 0,25 процентни поени.

Инвеститорите беа фокусирани и на новите проценки на Fed, кои не се многу ветувачки, бидејќи прогнозата за економски раст за оваа година е намалена од претходните 2,1 отсто на 1,7 отсто, додека проценката за базичната стапка на инфлација е зголемена од 2,5 отсто на 2,8 отсто.
Иако многу аналитичари последните седмици предупредуваа на зголемен ризик од рецесија поради тарифната војна што Вашингтон ја води на повеќе фронтови, претседателот на Fed, Џером Пауел на прес-конференција рече дека значителен економски пад е малку веројатен. Посочи дека проценките за инфлацијата се значително зголемени поради тарифната војна, но и дека Fed е добро позициониран да реагира брзо доколку се влошат економските податоци.
„Доколку пазарот на трудот неочекувано ослабне или ако инфлацијата се намали побрзо од очекуваното, Fed може соодветно да ја олесни монетарната политика“, рече Пауел.
Но, ако економијата остане силна и инфлацијата не продолжи да паѓа кон целта од 2 отсто, ФЕД може удобно да ги задржи каматните стапки на покачени нивоа, заклучи Пауел.
Пораките на претседателот на FEd ги охрабрија инвеститорите, кои со недели се неизвесни додека американскиот претседател Доналд Трамп води тарифна војна со најголемите трговски партнери, додека економскиот раст забавува, а инфлацијата не стивнува.
„Пазарот се надеваше на нешто што ќе ја намали неизвесноста, а јас би рекол дека Пауел успеа во тоа. Проценките за инфлацијата се благо зголемени, а економскиот раст е благо намален, така што мислам дека ФЕД не придонесе за пазарната несигурност што ги оптоварува акциите во последно време“, рече Расел Прајс, економист во „Ameriprise Financial“.
Цените на акциите вчера пораснаа и на повеќето европски берзи. Лондонскиот FTSE индекс порасна за 0,02 отсто, на 8.706 поени, а париски CAC за 0,70 отсто, на 8.171 поен. Франкфуртски DAX, пак, падна за 0,40 отсто, на 23.288 поени.
Слични новости
Рускиот јавен долг остро пораснал во 2024.
Јавниот долг на Русија остро пораснал во 2024 година, со скок на трошоците за негово сервисирање, објави во аналитичка белешка руската Сметководствена комора
Цената на нафтата порасна кон 72 долари
Цените на нафтата пораснаа до 72 долари на меѓународните пазари во четвртокот, откако САД воведоа санкции за кинеските купувачи на иранска нафта
Внимателно тргување во Европа додека се чекаат одлуките на централните банки
На европските берзи се тргува претпазливо во четврток додека инвеститорите ги очекуваат одлуките на голем број европски централни банки за каматните стапки, при што цените на акциите во секторот недвижности и енергетика значително се зголемуваат, додека во туристичкиот сектор паѓаат