Цените на акциите паднаа на Волстрит во четвртокот, втор ден по ред, додека инвеститорите анализираа како царините за увоз на автомобили во САД ќе влијаат на локалната автомобилска индустрија.

Индексот Dow Jones падна за 0,37 отсто на 42.299 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,33 отсто на 5.693 поени, а индексот Nasdaq за 0,53 отсто на 17.804 поени.

Пазарот и понатаму е под притисок поради одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царина од 25 отсто на увозот на сите автомобили што не се произведени во САД.

Додека Трамп тврди дека тоа многу ќе ја поттикне домашната автомобилска индустрија, инвеститорите не се убедени, а вчера цената на акциите на „General Motors“ потона повеќе од седум отсто, а на „Ford“ речиси 4 отсто.

Акциите на производителите на автоделови „Aptiv“ и „BorgWarner“ паднаа за околу 5 отсто, додека акциите на „Tesla“ пораснаа за 0,4 отсто бидејќи инвеститорите веруваат дека производителот на електрични возила ќе биде помалку погоден од царините поради неговото претежно домашно производство.

Инвеститорите се внимателни и бидејќи Трамп наскоро ќе претстави план за воведување реципрочни царини за увоз од сите земји кои наплаќаат царини за увоз на американски производи.

 

Промената на трговската политика на Трамп создаде несигурност на Волстрит бидејќи инвеститорите стравуваат од прекини во синџирите на снабдување, попречени инвестиции и зголемена инфлација, што негативно ќе влијае на економскиот раст.

Покрај тоа, инвеститорите стравуваат од ескалација на царинската војна бидејќи многу земји најавија контрамерки поради американските царини.

„Инвеститорите се многу внимателни и загрижени за политиките на Трамп. Дури и повеќе од политиките, тие се загрижени за постојаните промени. Ова ги прави навистина нервозни за носење долгорочни инвестициски одлуки, без разлика дали зборуваме за компании или инвеститори”, вели Џед Елербрук, портфолио менаџер во „Argent Capital“.

Поради ова, цените на акциите на најголемата светска берза со седмици паѓаат. Индексот S&P 500 сега е за 7 отсто понизок од рекордното ниво од 19. февруари. Nasdaq, од друга страна, падна за речиси 12 отсто од рекордното високо ниво и со денови се наоѓа на територијата на корекција.

И S&P 500 и Nasdaq се на пат да го завршат првиот квартал од оваа година во минус. Од почетокот на годината, S&P 500 падна за 3 отсто, а Nasdaq за речиси 8 отсто.

Цените на акциите вчера паднаа и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс се намали за 0,27 отсто, на 8.666 поени, додека франкфуртски DAX за 0,70 отсто, на 22.678 поени, а париски CAC за 0,51 отсто, на 7.990 поени.

globe

Слични новости

Светските берзи драстично паднаа, по најавата на Трамп за царини на увозот на автомобили

Светските берзи драстично паднаа, по најавата на Трамп за царини на увозот на автомобили

Цените на акциите на светските берзи драстично паднаа минатата седмица, бидејќи инвеститорите стравуваат од ескалација на трговската војна, откако Вашингтон објави царини за увоз на автомобили, а голем број земји се заканија со контрамерки

Доларот ослабе во однос на кошничката валути, инвеститорите претпазливи

Доларот ослабе во однос на кошничката валути, инвеститорите претпазливи

На пазарите на валути се тргуваше претпазливо минатата седмица, бидејќи ризикот од ескалација на цаинската војна меѓу САД и другите најголеми светски економии значително се зголеми, па курсевите на валутуте не осцилираа значително