На Волстрит цените на акциите минатата седмица паднаа втора седмица по ред, бидејќи инвеститорите се загрижени за цаинските закани, додека европските берзански индекси пораснаа благодарение на пониските каматни стапки во Европа.

На Волстрит, индексот Dow Jones падна за 0,55 отсто на 44.303 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,25 отсто на 6.025 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,5 отсто на 19.523 поени.

На самиот почеток од седмицата овие индекси значително паднаа, бидејќи одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини за Канада, Мексико и Кина предизвика страв од трговска војна. Сепак, ситуацијата набрзо стивна бидејќи Трамп го одложи спроведувањето на царините за Мексико и Канада за еден месец, откако двете земји ветија дека ќе вложат повеќе напори на границите за да се запре илегалната миграција и шверцот на дроги.

„Трамп мислеше на тоа кога рече дека царините ќе бидат главната алатка за постигнување различни цели. Царинскиот ризик ќе предизвика нестабилност на пазарите на краток рок“, вели Керол Шлајф, директор во компанијата „BMO Family Office“.

Додека Вашингтон ја одложи примената на царините за увозот од Канада и Мексико, царините од 10 отсто за увозот од Кина стапија на сила во средината на минатата седмица. Пекинг брзо возврати и најави воведување дополнителни царини од 10 до 15 отсто за увоз на одредени производи од САД, почнувајќи од 10 февруари.

Инвеститорите се надеваат дека, сепак, ќе се избегне трговска војна, бидејќи Белата куќа објави дека Трамп наскоро ќе разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг.

И покрај тоа што несигурноста околу цариите го оптоварува пазарот, таа е поддржана од солидни квартални деловни резултати од американските компании. Досега повеќе од половина од компаниите во индексот S&P 500 објавија финансиски извештаи, при што приближно 77 отсто од нив пријавија заработка поголема од очекуваната.

 

Европските берзи растат втора седмица по ред

А на европските берзи цените на акциите пораснаа минатата седмица, втора по ред. Тоа е во голема мера благодарение на намалувањето на каматните стапки во Европа, што треба да го стимулира економскиот раст.

Откако Европската централна банка (ECB) неодамна ја намали цената на парите за дополнителни 0,25 процентни поени, истото минатата недела го направи и британската централна банка.

Благодарение на ова, индексот STOXX 600 на најважните европски акции минатата седмица порасна за 0,5 отсто и достигна рекордни нивоа. Лондонски FTSE индекс се зголеми за 0,3 отсто, на 8.700 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,25 отсто, на 21.787 поени, а париски CAC за 0,3 отсто, на 7.973 поени.

Сепак, добивките на индексот не беа значителни бидејќи инвеститорите се претпазливи, со оглед на тоа што Вашингтон се заканува со царини и за Европската унија.

globe

Слични новости

Рекордна цена на златото

Рекордна цена на златото

На валутните пазари вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути порасна во петокот во претпладневното тргување

Остар пад на Волстрит, фокусот на царинската војна

Остар пад на Волстрит, фокусот на царинската војна

На Волстрит, индексот S&P 500 драстично падна во четвртокот, спуштајќи се во територијата на корекција, бидејќи инвеститорите стравуваат дека царинската војна на САД на повеќе фронтови ќе ја поттикне инфлацијата и ќе доведе до рецесија

Германскиот производител на оружје го престигна VW по пазарна капитализација

Германскиот производител на оружје го престигна VW по пазарна капитализација

Најголемиот европски производител на оружје „Rheinmetall“ го престигна водечкиот европски производител на автомобили „Volkswagen“ (VW) по пазарна капитализација во четвртокот на бранот побарувачка за акции во компаниите во секторот, предизвикан од најавата за повисоки трошоци за одбраната во Европа