Цените на акциите остро паднаа на Волстрит во средата, бидејќи инвеститорите беа нервозни пред прес-конференцијата на американскиот претседател Доналд Трамп за царините за увоз на автомобили.
Индексот Dow Jones падна за 0,31 отсто на 42.454 поени, додека S&P 500 се лизна за 1,12 отсто на 5.712 поени, а индексот Nasdaq за 2,04 отсто, на 17.899 поени.
По растот во првите два дена од оваа седмица, индексите вчера загубија голем дел од тие добивки бидејќи пазарот е нервозен поради царинската војна. За време на тргувањето на берзата, Белата куќа најави прес-конференција за царините за увоз на автомобили.

Трамп ги најави овие давачки на почетокот на годината, но инвеститорите се надеваа дека тој ќе се откаже од нив или дека Вашингтон во меѓувреме ќе постигне некаков договор со своите трговски партнери. Сепак, ништо од ова не се случи, па Трамп на прес-конференција рече дека од 2 април ќе воведе царини од 25 отсто за сите возила што не се произведени во САД.
Покрај автомобилскиот сектор, вчера под притисок беа и акциите на технолошките компании. Од 11 најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите паднаа во шест, со најголем пад, над 2 отсто, во секторите за комуникации и информатичка технологија. Меѓу најголемите губитници беа акциите на производителот на чипови „Nvidia“, со пад на цената од речиси 6 отсто и „Tesla“, со пад од околу 5,5 отсто.
Сега пазарите очекуваат реакција од земјите кои најмногу ќе бидат погодени од новите царини, но и нови одлуки од Вашингтон, со оглед на тоа што Трамп неодамна најави дека од 2 април ќе воведе реципрочни царини за увозот од сите земји кои наплаќаат царини за увоз на американски производи.
„Пазарите ја мразат оваа несигурност околу тарифите, особено што се однесуваат на автомобилската индустрија. Овие тарифи може да имаат големо негативно влијание врз економијата“, вели Џејми Кокс, партнер во „Harris Financial Group“.
Поради царинската војна, аналитичарите на „Barclays“ вчера го намалија целното ниво за индексот S&P 500 на 5.900 поени, од претходните 6.600 поени. По вчерашниот пад, S&P 500 падна за околу 3 отсто од почетокот на годината, а Nasdaq индексот е намален за повеќе од 7 отсто.
Цените на акциите вчера паднаа и на повеќето европски берзи. Иако лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,30 отсто, на 8.689 поени, франкфуртски DAX падна за 1,17 отсто, на 22.839 поени, а париски CAC за 0,96 отсто, на 8.030 поени.
Слични новости
Светските берзи драстично паднаа, по најавата на Трамп за царини на увозот на автомобили
Цените на акциите на светските берзи драстично паднаа минатата седмица, бидејќи инвеститорите стравуваат од ескалација на трговската војна, откако Вашингтон објави царини за увоз на автомобили, а голем број земји се заканија со контрамерки
Доларот ослабе во однос на кошничката валути, инвеститорите претпазливи
На пазарите на валути се тргуваше претпазливо минатата седмица, бидејќи ризикот од ескалација на цаинската војна меѓу САД и другите најголеми светски економии значително се зголеми, па курсевите на валутуте не осцилираа значително
Британските автомобилски компании бараат поддршка од владата поради царините на Трамп
Британските автомобилски компании бараат поддршка од владата, бидејќи се помали се шансите дека може да се постигне договор со американскиот претседател Доналд Трамп за царините кои сака да им ги воведе на европските држави, пренесе Би Би Си.