На њујоршки Волстрит берзанските индекси силно пораснаа во понеделникот, надоместувајќи ги загубите од минатата седмица, благодарение на закрепнувањето на технолошкиот сектор и надежите на инвеститорите за уште едно намалување на каматните стапки од страна на американската централна банка.
Индексот Dow Jones порасна за 0,44 отсто на 46.448 поени, додека S&P 500 скокна за 1,55 отсто на 6.705 поени, а индексот Nasdaq доби дури 2,69 отсто на 22.872 поени.
Така, индексите ги надоместија речиси сите загуби од минатата седмица, кога остро паднаа поради притисокот врз технолошкиот сектор. На почетокот од оваа седмица секторот закрепна, при што цените на акциите на речиси сите најголеми технолошки компании се зголемија.
Технолошкиот сектор долго време расте силно, благодарение на еуфоријата во врска со развојот на вештачката интелигенција, но во последните недели инвеститорите беа загрижени за високите цени на технолошките акции и огромните инвестиции во секторот, па затоа цените на акциите значително флуктуираа.
Пазарот е поддржан од надежите на инвеститорите дека американската централна банка повторно ќе ги намали каматните стапки за 0,25 отсто поени оваа година, како што направи во септември и октомври. По коментарите од неколку претставници на Fed, пазарот сега проценува дека постои 85 отсто веројатност централната банка да ги намали каматните стапки во декември, додека минатонеделните шанси беа околу 40 отсто.
Сепак, овие проценки веројатно ќе варираат од ден на ден, бидејќи до крајот на седмицата се очекуваат низа нови макроекономски индикатори, од малопродажба до цени на производители, што може да влијае на овие шпекулации. Оваа работна седмица ќе биде скратена, со оглед на тоа што четврток е празник во САД поради Денот на благодарноста, додека тргувањето на Волстрит ќе биде скратено во петок.
Инвеститорите ќе се фокусираат и на вестите за продажбата во малопродажните синџири и онлајн, бидејќи започнува сезоната на трошење пред празниците.
Европските берзи тргуваа претпазливо вчера. Лондонскиот индекс FTSE падна за 0,05 отсти на 9.534 поени, а парискиот CAC 40 падна за 0,29 отсто на 7.950 поени. Франкфуртскиот DAX порасна за 0,64 отсто на 23.239 поени.
Слични новости
Секоја четврта продавница не издава фискални сметки
До крајот на ноември годинава, Управата за јавни приходи (УЈП) спровела околу 4.000 контроли за регистрирање на готовинскиот промет, што претставува зголемување за 2,5 пати во однос на истиот период минатата година
Доларот падна во однос на кошничка валути втора седмица по ред
На светските пазари, вредноста на американскиот долар во однос на кошничка валути падна минатата седмица, втора по ред, бидејќи инвеститорите веруваат дека американската централна банка ќе ги намали клучните каматни стапки следната седмица
Раст на светските берзи, се чека намалување на каматните стапки во САД
Цените на акциите на светските берзи пораснаа минатата седмица, втора по ред, благодарение на верувањето на инвеститорите дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки следната седмица


