Координативно тело за арбитражни постапки во Владата избира адвокатска куќа за разговори на Министерството за одбрана со италијанската компанија „Леонардо“. Договорот за набавка на хеликоптери не се раскинува, туку ќе се репреговара. Нема потреба од адвокатска куќа, сите дилеми при имплементација на договорот може да се надминат, вели поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска.
Владата подготвува терен за репреговарање на договорот тежок речиси 250 милиони евра за набавка на осум хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо хеликоптерс“, склучен во време на претходната влада со потпис на ексминистерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Ваквиот потег е најавен уште на владината седница на 6-ти март, која ја водеше заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николовски, кој воедно е и претседател на Координативното тело за арбитражни постапки.

„Се задолжува претседавачот на Координативното тело за следење на арбитражните постапки произлезени од меѓународните договори, во рок од три дена, да испрати барање за прибирање на понуди за избор на правна куќа за обезбедување на правни услуги од областа на меѓународното арбитражно и швајцарското право согласно утврден опфат на работа, до следните меѓународни адвокатски куќи: Three Crowns LLP, Herbert Smith Freehils LLP, Debevoise & Plimpton LLP. Freshfields LLP, Clifford Chance LLP, Latham & Watkins LLP“, пишува во записникот од владината седница.
Компаниите требало да ги достават понудите до 10 март.
Денеска, на 14 март, ова Координативно тело треба да ја избере најдобрата која во иднина ќе треба да даде правно експертско мислење за договорот склучен меѓу Министерството за одбрана и италијанскиот „Леонардо хеликоптерс“.
Вицепремиерот и воедно претседавач со ова тело, Александар Николовски, во разговор за РСЕ вели дека Координативното тело по задолжение од Владата досега одржало два состанока, започнувајќи ја постапката за избор на швајцарска адвокатска куќа. Потенцира дека ова не значи раскинување на договорот и негова арбитражна постапка, туку превенција за да не дојде до таков епилог.
„Арбитражното тело има право да ангажира куќи во оваа фаза за консултации. Наша цел е и да не стигнеме до арбитражи, Ние сега одбираме адвокатска куќа со познавање на швајцарско право, бидејќи договорот е склучен според швајцарско право, која би можела да го советува Министерството за одбрана во однос на договорот со „Леонардо хеликоптерс“. Сега е фазата на консултации, бидејќи има различни толкувања во однос на договорот. Значи целта не е тој да се раскине“, изјави Николовски за РСЕ.
Покрај информацијата која Владата ја сподели со јавноста за работата и иницијативата на Координативното тело, за ова прашање дополнително е одржана и затворена седница.
Според извори на РСЕ, Министерството за одбрана имало големи забелешки за договорот со „Леонардо хеликоптерс“ и го застапува ставот дека тој е асиметричен, односно дека е многу повеќе во полза на италијанската компанија, отколку на државата.
Целиот текст на Радио Слободна Европа
Слични новости
Уставен суд: Институтот „интерпелација” предвиден во членот 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии
Институтот „интерпелација” предвиден во членот 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии. Во спротивно, се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот од причина што на тој начин се прави упад во четвртата т.н.уставно-судска власт, во самостојноста и во независноста на Уставниот суд, стои во ставот од Уставен.
Изминатите 24 часа најмногу дожд наврнал во Куманово
Во изминатите 24 часа најмногу дожд наврнал во Куманово 15 l/m2, а најмалку 1 литар на метар квадратен во Претор, Струмица, Гевгелија, Берово, Тополчани
Судењето за убиството на Ѓорчевска и Жежовски продолжува на 17. март
Судењето за убиството на четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска и седумдесетгодишниот велешанец Панче Жежовски продолжува во понеделник откако денеска во Основен кривичен суд Скопје беше сослушан Велибор Манев, еден од обвинетите