Mакедонската Влада полека, но сигурно, ги спроведува агендите поврзани со малцинствата, безбедносните прашања, коридорите и другите прашања, со што има одреден напредок, но засега се уште ни недостига вистински пробив за напредок на европскиот пат, изјави известувачот на Европскиот парламент за земјава, австрискиот европратеник Томас Вајц.

„Северна Македонија се уште е блокирана од Бугарија. За жал, има многу прашања поврзани со идентитетот што го блокираат нејзиниот напредок“, истакна Вајц во изјава за Европската новинска редакција ЕНР.

 

Вајц изрази нaдеж дека по локалните избори ќе бидат „направени потребните уставни измени за вклучување на бугарската заедница во Уставот како малцинство“.

„Тоа ќе го отвори патот за вистинско започнување на преговорите. Мислам, таа сега е земја опфатена со пристапниот процес, но всушност ги немаме започнато преговорите. Треба да ги започнеме наскоро за да ја одржиме земјата на вистинскиот пат“, додаде Вајц.

Во однос на останатите земји кандидати за членство во ЕУ од Западниот Балкан, Вајц посочи дека Црна Гора има шанса да стане 28 членка на Унијата до 2029 година бидејќи брзо ги спроведува реформите, а неа ја следи и Албанија, која покрај во реформскиот процес напредува и во борбата против корупцијата и во владеењето на правото.

За Босна и Херцеговина, Вајс вели дека е во тешка ситуација поради нестабилноста и „недостигот на модерна граѓанска држава“, додека Србија и Косово ќе мора да се помират и да се признаат меѓусебно или во спротивно ќе останат блокирани на нивниот пат кон Европската Унија.

globe

Слични новости