Кошаркарите на Чикаго Булс го расипаа враќањето на Леброн Џејмс во тимот на Лејкерс по пропуштените седум натпревари, совладувајќи го домашниот тим во Лос Анџелес со убедливи 146:115.

Коби Вајт беше најдобар стрелец кај Булс со 36 поени и шест „тројки“ од девет обиди, а дебитантот Матас Бузелис постигна 31 поен. Сепак, Џош Гиди се истакна со својот 15-ти трипл-дабл во кариерата, а за малку ќе постигнеше редок „четирипл-дабл постигнувајќи 15 поени, 17 асистенции, 10 скока и осум украдени топки.

Гостите по прилично изедначеното прво полувреме протатнеа до убедливата победа. Меѓутоа, кога стигнаа до двоцифрено водство на средината на третата четвртина, продолжија да го зголемуваат до крајот на натпреварот, на крајот завршија со +31.

Лука Дончиќ постигна 29 од своите 34 поени во првото полувреме, по што Лејкерс заостанаа само три поена (62:65). Словенецот погоди осум од 13 „тројки“ и имаше осум скока и шест асистенции. Сепак, во вториот дел Булс постигнаа дури 81 поен и целосно ги надиграа Лејкерс.

Откако пропушти седум натпревари, Леброн Џејмс за 31 ипол минута игра постигна 17 поени, шест скока и четири асистенции. Без Џејмс, Лејкерс имаа три победи и четири порази, а ова е нивни шести загубен натпревар во последните девет настапи.

Голден Стејт Вориорс го претрпеа само третиот пораз од Ол-стар паузата, губејќи со 124:115 на гостувањето во Атланта. Тимот на Стив Кер остана без повредениот капитен Стивен Кари. „Јастребите“ до победата ги предводеше Треј Јанг со 25 поени и 10 асистенции, а „дабл-дабл“ кај домашната екипа оствари и Ониека Оконгву со 22 поени и 12 скока.

Атланта победи на шест од последните осум натпревари и го држи седмото место во Источната конференција. Вориорс се во жестока битка за шестото место, последното кое директно води во плејофот. Во овој пораз ги предводеше Џими Батлер со 25 поени и осум асистенции. Мозес Муди постигна 20 поени, а Брандин Поџиемски имаше 19 поени и осум скока.

Индијана Пејсерс ги совладаа Бруклин Нетс со 108:103 пред своите гледачи, иако за малку ќе ја испуштеа предноста од 20 поени што ја имаа на влезот во четвртата четвртина. Голем придонес за на крајот тешко извојуваната победа даде повратникот во тимот Тајрис Халибартон. Откако пропушти три натпревара, стартниот бек на Пејсерс постигна 16 поени, покрај 12 асистенции и осум скока. Паскал Сијакам беше најдобар стрелец кај домашната екипа со 26 поени, а Мајлс Тарнер комбинираше 22 поени и осум скока.

Трендон Ватфорд беше најдобар стрелец кај Нетс со 26 поени, а Камерон Џонсон имаше 20 поени и девет скока.

Така Пејсерс останаа на четвртото место во Источната конференција, една победа пред Милвоки Бакс, кои победија со 114:108 на гостувањето во Сакраменто, иако имаа двоцифрена негатива до средината на третата четвртина.

Јанис Адетокумбо ги предводеше Бакс до победата со 32 поени и 17 скока, додека Демијан Лилард го пропушти вториот последователен натпревар поради повреда на потколеницата. Брук Лопез додаде 21 поен, а Кевин Портер Џуниор ги предводеше играчите од клупата со 18 поени. Голем придонес имаше и Кајл Кузма со 14 поени и 14 скока.

Демар Дерозан беше водечки стрелец кај кралевите со 22 поени, а Кион Елис имаше 20 поени, девет скока и шест асистенции. Сакраменто е на деветтото место со 35-35, но Далас и Феникс имаат само една победа помалку и два порази повеќе.

Њујорк Никс (44-26), третопласираната екипа на Истокот, во својот „Медисон Сквер Гарден“ ги совладаа Вашингтон Визардс со 122:103, предводени од Карл-Ентони Таунс со 31 поен и 11 скока. Микал Бриџис додаде 27 поени, а ОГ Ануноби постигна 23 поени за победниците. Џордан Пул беше најдобар стрелец на Визардс со 25 поени во четвртиот последователен пораз. Маркус Смарт постигна 17 поени, а Кишаун Џорџ искомбинираше 15 поени и 10 скока.

globe

Слични новости

Мексико побеник на турнирот КОНКАКАФ

Мексико побеник на турнирот КОНКАКАФ

Мексико ја совлада Панама со 2:1 во финалето на Лигата на нации во КОНКАКАФ во Инглвуд во неделата, а победата ја обезбеди двојниот стрелец Раул Хименез