Бројот на жртвите во најлошиот пожар во Хонгконг во последните речиси 80 години се искачи на 128, а околу 200 лица сè уште се водат како исчезнати од станбениот комплекс зафатен од пламен, изјави во петокот претставник на безбедносните служби.
Пожарот во комплексот Ванг Фук Корт, кој се состои од осум облакодери од 32 ката во северниот округ Таи По, избувна во средата попладнето по локално време.
Претставникот на безбедносните служби на Хонгконг, Крист Танг, на прес-конференција изјави дека системите за противпожарен аларм во комплексот не работеле исправно.
Спасувачките напори се завршени, а најмалку 79 лица се повредени, вклучувајќи 12 пожарникари, рече тој.
Комплексот, во кој живеат повеќе од 4.600 луѓе, бил обвиен со бамбусови скелиња и зелени заштитни мрежи за фасадно реновирање.
Полицијата соопшти дека уапсила тројца службеници на градежна компанија под сомнение за убиство од небрежност, бидејќи биле користени небезбедни материјали, вклучувајќи запаливи полистиренски плочи што ги блокирале прозорците.
Додека пожарникарите се бореа со пожарот во петокот и ги гаснеа зградите што сè уште тлееја, семејствата имаа мачна задача да пребаруваат низ фотографиите од мртвите направени од спасувачите.
Десетици филипински домашни помошнички загинаа во катастрофата, а 19 сè уште се водат како исчезнати, рече Едвина Антонио, раководителка на засолништето за мигранти „Bethune House“.
Индонезискиот конзулат соопшти дека две од починатите индонезиски државјанки работеле и како слугинки. Хонгконг има околу 368.000 домашни помошнички, претежно жени од посиромашните азиски земји кои живеат со своите работодавци.
Станува збор за најсмртоносниот пожар во Хонгконг од 1948 година, кога 176 лица загинаа во пожар во магацин.
Компаниите што ја покриле надворешноста на зградите со запаливи материјали, како и владата и градежниот сектор, беа обвинети за пожарот.
Полицијата уапси двајца директори и еден инженерски консултант од „Prestige Construction“, за која владата рече дека го одржувала Ванг Фук Курт повеќе од една година.
„Имаме причина да веруваме дека одговорната компанија била крајно небрежна, што довело до несреќата и неконтролираното ширење на пожарот, што пак резултирало со големи жртви“, изјави во четвртокот вечерта полицискиот началник Ајлин Чунг.
Полицијата запленила голем број документи, вклучувајќи список на вработени, 14 компјутери и три мобилни телефони при претресот на канцелариите на компанијата, додаде владата.
Канцеларијата за планирање на градот споменува постепено укинување на употребата на бамбусовите скелиња и нивна замаена со метални поради безбедноста во случаи како оваа трагедија.
Хонгконшкиот челник, Џон Ли, изјави дека владата ќе формира фонд вреден околу 33,2 милиони евра за помош на жителите, а некои од најголемите кинески компании најавија донации.
Втората ноќ по избувнувањето на пожарот, десетици евакуирани лица спиеја на душеци во блискиот трговски центар, а многумина рекоа дека местата во официјалните центри за евакуација треба да бидат резервирани за оние на кои им е најпотребна.
Луѓе, од постари лица до ученици, се завиткаа во ќебиња и се згрчија во шатори пред ресторани и продавници додека волонтерите делеа грицки и залихи, известуваат медиумите
Хонгконг, еден од најгусто населените градови во светот со околу 8 милиони жители, е преполн со висококатници. Екстремно високите цени на недвижностите долго време се извор на социјално незадоволство, а аналитичарите велат дека трагедијата би можела да поттикне незадоволство кон властите и покрај напорите за заострување на политичката контрола.
Слични новости
Макрон по примерот на Трамп ѝ се закани со царини на Кина
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека му се заканил на Пекинг со царини за време на посетата на Кина доколку не преземе мерки насочени кон намалување на растечкиот трговски суфицит со Европската унија
Мировниот договор за Украина е многу блиску, вели американскиот претставник Келог
Претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина изјави дека договорот за завршување на војната во Украина е „многу блиску“ и дека сега зависи од решавањето на две главни отворени прашања – иднината на украинскиот регион Донбас и нуклеарната централа Запорожје
Кинески авиони насочиле воен радар кон јапонски авиони
Јапонија во неделата соопшти дека кинеските борбени авиони насочиле радар за контрола на оган кон јапонски воени авиони во два „опасни“ инциденти во близина на островската група Окинава во Јапонија, тврдење што Пекинг го негираше


