Бразил е извлечен во „тешка група“ на Светското првенство во 2026 година, со Мароко, Шкотска и Хаити како негови противници, изјави селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, по жрепката во Вашингтон.

„Мароко беше многу добар на последното Светско првенство, во Катар во 2022 година, каде што стигнаа до полуфиналето, додека Бразил беше елиминиран во четвртфиналето“, изјави тренерот на петкратниот светски шампион за бразилскиот канал Sportv.

„Шкотска има многу силен тим, ќе биде многу тешко“, додаде тој.

Бразил ќе го игра својот прв натпревар на 13 јуни 2026 година, против Мароко, пред да се соочи со Хаити на 19 јуни и Шкотска на 24 јуни.

„Мора да се обидеме да завршиме први во групата. Пред сè, мора добро да се подготвиме за првиот натпревар, кој ќе биде многу важен“, рече Анчелоти.

„Мораме да размислуваме за победа на сите три натпревара. Прво против Мароко, најтешкиот, а исто така и против другите два противника. Мора да имаме самодоверба“, додаде тој.

Бразил ќе одигра два пријателски натпревара во Соединетите држави во март, едниот против Франција а другиот против Хрватска.

Карло Анчелоти беше прашан и за потенцијалното вклучување на Нејмар во составот за Светското првенство. Иако остана претпазлив, 66-годишниот тренер ја остави вратата отворена за враќање на напаѓачот на Сантос, кој не играл за репрезентацијата повеќе од две години.

Анчелоти нагласи дека ќе го избере својот состав дури во мај, врз основа на нивото и формата на секој играч, вклучително и 33-годишната ѕвезда.

„Ако Нејмар заслужува да биде на Светското првенство, ако е во форма и подобар од кој и да е друг на истата позиција, ќе игра“, рече Анчелоти инсистирајќи дека „никому не му должи ништо“.

Нејмар, најдобриот стрелец на сите времиња на „Селесао“ (79 гола), поранешна ѕвезда на Барселона и ПСЖ, не играл за Бразил откако се здоби со сериозна повреда на коленото на 17 октомври 2023 година.

Бразил помина низ тежок период по Светското првенство во 2022 година и имаше три различни тренера до доаѓањето на Анчелоти во мај. Во квалификациите за Јужна Америка, Бразилците претрпеа тежок пораз од 1:4 од Аргентина во март.

Бразил веќе играше против Мароко и Шкотска во групните фази на Светското првенство во 1998 година во Франција, при што „Селесао“ победи со 3:0 и 2:1, соодветно.

А натпреварот против Хаити ќе има посебно значење, бидејќи Бразил ја предводеше Мисијата за стабилизација на Обединетите нации во Хаити (MINUSTAH) од 2004 до 2017 година. Во август 2004 година, „Селесао“ одигра историски пријателски натпревар во Порт-о-Пренс, победувајќи со 6:0 со ѕвезди како Роналдо и Роналдињо.

globe

Слични новости

Извлечени групите за Светското првенство 2026

Извлечени групите за Светското првенство 2026

Жрепката за Светското фудбалско првенство во 2026 година во Вашингтон беше спектакл во холивудски стил, експлозија од гламур, црвени теписи и мноштво светски ѕвезди, а Македонија доколку го мине плејофот против Данска а потоа биде подобра и во соочувањето со победникот од дуелот меѓу Чешка и Ирска ќе се најде во групата А