Четириесет итридневното „затворање’ на федералната влада нанесе траен удар од 11 милијарди долари на американската економија, изјави министерот за финансии Скот Бесент, но изрази оптимизам за следната година бидејќи каматните стапки и даноците се намалуваат.
Делови од американската економија чувствителни на каматните стапки, вклучително и домувањето, беа во рецесија, изјави Бесент во неделата во емисијата „Meet the Press“ на NBC News.
Сепак, економијата како целина не е загрозена од пад на активноста, додаде министерот.
Според него, секторот на услуги е виновен за инфлацијата, а не царините воведени од претседателот Доналд Трамп. Инфлацијата ќе биде ограничена со пониските цени на енергијата, предвидува американскиот министер за финансии.
„Многу сум оптимист за 2026 година. Создадовме темели за многу силна економија чиј раст нема да ја поттикнува инфлацијата“, рече Бесент.
Цените на енергијата паднаа во октомври, а продажбата на куќи се зголеми, рече министерот, додавајќи дека кабинетот продолжува да работи на ограничување на инфлацијата, која сега изнесува 3 отсто на годишно ниво.
Цените на енергијата се зголемија за 1,5 отсто во септември на месечна основа, двојно повеќе отколку на крајот од летото. На годишна основа, цените се зголемија за 2,8 отсто, откако речиси стагнираа претходниот месец. Бензините беа за 0,5 отсто поевтини од пред една година. Во август, нивните цени беа пониски за 6,6 отсто.
Министерството за труд ќе ги објави своите октомвриски бројки два месеца подоцна, заедно со својата ноемвриска проценка, бидејќи не ги собрало потребните податоци поради блокирањето на федералните агенции.
Промените во законот што ги ограничуваат даноците за прекувремена работа, ги намалуваат даноците на напојниците и социјалното осигурување за одредени групи граѓани и ги признаваат авто-кредитите како даночно олеснување, ќе ги зголемат реалните приходи за вработените Американци и ќе ги ублажат повисоките трошоци, рече Бесент.
Даночните обврзници можат да очекуваат да добијат значителен поврат на федерален данок во првиот квартал од 2026 година поради промените во даночните стапки, додаде министерот.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп, исто така, планира оваа седмица да објави мерки за намалување на трошоците за здравствената заштита, рече Бесент, повторувајќи слични изјави дадени минатата седмица од висок функционер на Белата куќа. Бесент, притоа, не даде детали.
Економскиот раст, исто така, ќе биде поттикна и од низата трговски договори, додаде министерот, предвидувајќи отворање нови фабрики.
Слични новости
Благ раст на европските берзи
На европските берзи, индексите пораснаа во претпладневното тргување во петокот, најмногу благодарение на растот на цените на акциите во рударскиот сектор, додека инвеститорите внимателно чекаат нови податоци за инфлацијата во САД
Доларот зајакна, цените на нафтата паднаа
На валутните пазари, вредноста на американскиот долар во однос на кошничката валути благо се зголеми во претпладневното тргување во петокот
На Волстрит, индексот S&P порасна, Dow благо падна
На њујоршки Волстрит, индексот Dow Jones малку падна во претпазливото тргување во четвртокот, додека S&P 500 и Nasdaq пораснаа трет ден по ред


