На Волстрит, берзанските индекси во вторник благо пораснаа втор ден по ред, при што тргувањето е претпазливо бидејќи економските показатели не се многу импресивни.

Индексот Dow Jones порасна за 0,01 отсто, на 42.587 поени, додека S&P 500 порасна за 0,16 отсто, на 5.776 поени, а индексот Nasdaq за 0,46 отсто, на 18.271 поени.

Така, индексите пораснаа втор ден по ред, но многу побавно отколку во понеделникот, кога инвеститорите беа охрабрени од пораките од Белата куќа за флексибилност во однос на царините.

Имено, американскиот претседател Доналд Трамп неодамна најави дека од 2 април ќе воведе реципрочни царини за увоз од сите земји кои наплаќаат царини за увоз на американски производи. Но, последниве денови тој зборуваше дека може да има исклучоци, дека царините би можеле да бидат пониски од првично објавените и дека царините нема да важат за сите увози.

Берзите се под притисок со седмици бидејќи Вашингтон води царинска војна на повеќе фронтови – со Канада, Мексико, Кина, Европската унија… Многу земји најавија контрамерки доколку Трамп воведе нови царини, па инвеститорите стравуваат од ескалација на тарифната војна, што може да доведе до зголемување на инфлацијата и да и наштети на меѓународната трговија и економскиот раст.

„Не очекувам дека ситуацијата со тарифите ќе стане појасна во наредните денови. Инвеститорите очајно се надеваат на одредена јасност за ова прашање и мислам дека нешто ќе стане појасно на 2-ри април“, вели Рос Мејфилд, стратег во компанијата „Baird“.

Внимателни се инвеститорите и бидејќи речиси сите најнови макроекономски податоци укажуваат на забавување на растот на американската економија.

Подпросечниот обем на тргување укажува на претпазливост на инвеститорите. На американските берзи вчера се разменија околу 13 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во последните 20 дена беше 16,4 милијарди.

Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс порасна за 0,30 отсто, на 8.663 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 1,13 отсто, на 23.109 поени, а париски CAC за 1,08 отсто, на 8.108 поени.

globe

Слични новости

Остар пад на европските и азиските берзи на почетокот од седмицата

Остар пад на европските и азиските берзи на почетокот од седмицата

Цените на акциите остро паднаа на европските берзи во понеделник во претпладневното тргување, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека реципрочните царини што ќе ги воведе следните денови ќе ги опфатат сите земји