На њујоршки Волстрит берзанските индекси благо паднаа во средата, иако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е постигнат трговски договор со Кина.
Индексот Dow Jones остана речиси непроменет, на 42.865 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,27 отсто, на 6.022 поени, а индексот Nasdaq за 0,50 отсто, на 19.615 поени.
Пазарот беше претпазлив вчера, иако претставниците на САД и Кина постигнаа трговски договор по дводневниот состанок во Лондон.

„Нашиот договор со Кина е склучен, сè уште треба конечно одобрение од претседателот Си и мене“, објави Трамп на својата платформа Truth Social.
Тој исто така истакна дека Кина ќе ги укине ограничувањата за трговија со ретки метали. „Нашите царини ќе бидат 55 отсто, а кинеските 10 отсто“, рече Трамп.
Сепак, ова не предизвика еуфорија на пазарот бидејќи, велат аналитичарите, многу детали за тоа како ќе се спроведе договорот уште се нејасни. Дополнително, се очекува високите царини да ја стимулираат инфлацијата во наредните месеци.
Вчера беше објавено дека инфлацијата во САД во мај била 2,4 отсто, помалку од проценката на аналитичарите. Сепак, основната стапка на инфлација, која не ги вклучува цените на храната и енергијата, е сè уште околу 2,8 отсто, над целните нивоа на американската централна банка од околу 2 отсто.
Затоа речиси никој не очекува Fed да ги намали каматните стапки на состанокот во јуни, и покрај постојаните повици од Трамп и неговите помошници да го сторат тоа.
Инвеститорите беа претпазливи вчера и откако иранскиот министер за одбрана се закани со напади врз американските бази ако нуклеарните разговори не успеат а САД ги остварат своите закани за воена акција врз иранските постројки. Ова може да доведе до војна, со оглед на тоа што Трамп постојано се закануваше дека ќе го нападне Иран ако разговорите за неговата нуклеарна програма не успеат.
Европските берзи вчера исто така се тргуваа претпазливо. Лондонскиот индекс FTSE порасна за 0,13 отсто на 8.864 поени, додека франкфуртскиот DAX се лизна за 0,16 отсто на 23.948 поени, а парискиот CAC 40 падна за 0,36 отсто на 7.775 поени.
Слични новости
Премиерот Мицкоски очекува висок раст на БДП во вториот квартал
Не велам дека имаме раст, но ако имаме предвид дека бевме длабок минус ние сме дојдени во состојба нула и сега треба да креваме“, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Вкупниот промет во индустријата зголемен за 6 проценти во април на годишно ниво
Во април годинава во однос на март годинава, вкупниот промет во индустријата, бележи пад од 7,9 проценти, додека во периодот јануари – април годинава во однос на истиот период лани има зголемување од 3,6 проценти.
Трамп ја дозволи продажбата на Ју Ес стил за 14,9 милијарди долари на јапонскиот Нипон стил
Нипон стил потврди дека презема 100 роценти од сопствеништвото врз американската компанија, а оваа спогодба вклучува и 11 милијарди долари нови вложувања до 2028, како и обврски во поглед на управувањето, производството и трговијата.