Во петтото коло од Лигата на шампионите, играчите на Челзи ја прегазија Барселона со 3:0, додека Баер Леверкузен го „шокираше“ Манчестер Сити на неговиот „Етихад“ победувајќи со 2:0.

Челзи неочекувано лесно ја победи Барселона со 3:0, забележувајќи ја својата трета победа, додека Барса го претрпе вториот пораз. „Сините“ ја затресоа мрежата на Барса веќе во четвртата минута. Енцо Фернандез постигна гол, но голот беше поништен бидејќи асистентот Фофана играше со рака. Две минути подоцна, Феран Торес имаше одлична шанса на спротивната страна, кога се најде сам пред Роберто Санчез, но го промаши целиот гол.

Енцо Фернандез повторно го совлада Жоан Гарсија во 22. минута, но и овој гол беше поништен поради офсајд. Одлично издание во првото полувреме лондонскиот тим заслужено го круниса со водство во 27. минута. Нафрли Кукуреља, Нето шутираше со петица но топката го погоди Торес, се одби од Жил Кунде и заврши во мрежата.

Нови проблеми за Барса пристигнаа во 44. минута кога Араухо „поцрвене“ поради два жолти картони. Уругваецот го заработи својот прв жолт картон во 32. минута, а вториот 12 минути подоцна. Домашниот тим ја зголеми својата предност во 55. минута со голот на Естевао по одличен соло пробив. Лондонскиот тим ја потврди победата во 75. минута со голот на Лиам Делап по додавање на Фернандез.

Баер Леверкузен го изненади Манчестер Сити победувајќи со 2:0 на „Етихад“. Гостите поведоа во 23. минута преку Алекс Грималдо по центаршутот на Мишел Кофана. „Аптекарите“ го потврдија своето водство во 54. минута, Ибрахим Маза центрираше, а Патрик Шик со глава го зголеми резултатот на 2:0. „Граѓаните“ притиснаа во последните минути, Пеп Гвардиола ги внесе Халанд и Черки, но немаше промена на резултатот.

Борусија Дортмунд го победи Виљареал со 4:0, остварувајќи ја својата трета победа. Домаќините поведоа во последните секунди од првото полувреме преку голот на Серху Гираси, кој најдобро се снајде во мешаницата во шеснаесетникот, погодувајќи со глава за водство на германскиот тим.

Можеби клучниот момент на натпреварот се случи во 53. минута, кога капитенот на гостите Фојт ја запре топката со рака на гол-линијата, правејќи пенал, а во исто време заработи и исклучување. Гираси шутираше, Луиз Жуниор одбрани, но топката се одби назад до германскиот напаѓач кој лесно постигна гол за 2:0. Пет минути подоцна сè беше готово, Карим Адејеми постигна гол за 3:0. Борусија доби уште еден пенал во 81. минута, но Фабио Силва ја погоди пречката. Конечните 4-0 ги постави Даниел Свенсон во петтата минута од судиското продолжение.

Јувентус го победи Бодо/Глимт со 3:2 на гостувањето во Норвешка. Норвежаните поведоа во 27. минута. Берг изведе корнер, Каспер Хог добро скокна и ја префрли топката на втората статива каде што Оле Бломберг натрча и постигна гол за 1:0. Јуве успеа да израмни на почетокот од второто полувреме со голот на Лоис Опенда. „Старата дама“ од Торино го сврти резултатот во 59. минута со голот на Вестон МекКени. Сепак, домашните успеаја да израмнат во 85. минута со голот на Сондре Фет од пенал откако Кабал го фаулираше Оукланд. Во последните моменти од натпреварот, Јуве сепак победи, а Џонатан Давид го постигна одлучувачкиот гол.

Олимпик Марсеј направи пресврт и победи со 2:1 против Њукасл Јунајтед. Гостите поведоа веќе во шестата минута со голот на Харви Барнс. Пјер-Емерик Обамејанг израмни по само 19 секунди од вториот дел. Дарил Бакола ја испрати топката кон Обамејанг, гостинскиот голман Ник Поуп непотребно излезе надвор од шеснаесетникот, што габонскиот напаѓач го искористи, го заобиколи и постигна гол од тешка позиција откосо за израмнување 1:1. Само четири минути подоцна, Обамејанг го сврти резултатот постигнувајќи гол за водство на домаќините по центаршутот на Тимоти Веа. Ова е втора победа за Олимпик Марсек и втор пораз за „Страчките“.

Наполи го победи Карабаг со 2:0. Италијанскиот шампион можеше да поведе во 56. минута, но Матеуш Кохалски го одбрани пеналот на Расмус Хојлунд. Десет минути подоцна, Скот Мектоминај го доведе Наполи во водство по корнер. Домаќините се доближија на чекор до победата во 72. минута кога Марко Јанковиќ несмасно ја одби топката во сопствената мрежа.

Славија Прага и Атлетик Билбао одиграа без голови.

globe

Слични новости

Нов кикс на Реал во Ла Лига

Нов кикс на Реал во Ла Лига

Фудбалерите на Селта Виго ја постигнаа својата прва победа на мадридскиот фудбалски храм „Сантијаго Бернабеу“ по речиси 20 години откако го победија Реал со 2:0