Чешкиот тенисер Јиржи Лехечка (АТП-25.) го победи Шпанецот Карлос Алкараз (АТП-3.) со 6:3, 3:6, 6:4 и обезбеди скок до нов најдобар пласман во кариерата со пресвртот во третиот сет од четвртфиналниот меч на АТП 500 турнирот во Доха.

Лехечка со оваа победа стигна до соодносот 12-2 сезонава, која ја отвори со освојувањето на титулата во Бризбејн, а доколку не успее да се пласира во финалето, во понеделник ќе биде 22. на АТП-листата во сингл.

Според статистиката на директни поени (32-18 за Алкараз) и неизнудени грешки (Алкараз 25, Лехечка 36), Шпанецот требаше да излезе како победник од овој меч иако го загуби првиот сет. Тој беше многу блиску до тоа кога поведе со 4-2 во третиот сет и имаше можност да оди на два дополнителни брејка во седмиот гем.

Наместо тоа, Лехечка се извлече, намали на 3-4, а потоа нанижа уште три гема, од кои два кога Алкараз беше на сервис, за неговата прва победа против четирикратниот грен-слем победник.

Во полуфиналето Лехечка го чека победникот од дуелот меѓу Британецот Џек Дрејпер и Италијанецот Матео Беретини, кој во првото коло го „шокираше“ Новак Ѓоковиќ.

Драматичен четвртфинален дуел одиграа Андреј Рубљев (АТП – 10.) и Австралиецот Алекс де Минаур (АТП – 8.), иако ништо не навестуваше дека тоа ќе биде случај кога Русинот поведе со 5-2 во третиот сет. Во осмиот гем не ја реализираше првата меч поен на сервис на противникот, а потоа и една кога беше на воведниот удар. Рубљев имаше уште три меч топки во деветтиот гем, но Австралиецот успеа да го одведе мечот во тај-брејк и дојде до поен од победа кога поведе со 6-5.

Рубљев возврати и пропушти уште две меч топки (7-6, 8-7), пред да поведе со 9-8 за да победи со 6-1, 3-6, 7-6 (8), користејќи ја вкупно својата осма меч топка.

Рубљев за место во финалето ќе игра со Канаѓанецот Феликс Огер-Алиасиме (АТП-23.). Првиот сет го доби со 6-3 против Даниил Медведев (АТП-6.), но потоа Русинот се повлече поради последиците од труење со храна.

globe

Слични новости

НБА: Пресврт на Бакс против Клиперс, Нагетс со Јокиќ до деветтата победа со ред

НБА: Пресврт на Бакс против Клиперс, Нагетс со Јокиќ до деветтата победа со ред

Во својот прв настап по „Ол Стар“ викендот во НБА, Клиперс имаа поголема предност во текот на целиот натпревар, но во последните 12 минути Бакс беа подобри со 36:21, што беше доволно за пресврт на натпреварот