Селекцијата на Аргентина синоќа во Буенос Аиерес убедливо го совлада Бразил со 4:1 во 14. коло од јужноамериканските квалификации за Светското првенство кое ќе се игра следната година.

Головите за Аргентина, која доминираше во текот на целиот натпревар и можеше да извојува уште поубедлива победа а играше без своите ѕвезди Лионел Меси, Лаутаро Мартинез и Пауло Дибала, ги постигнаа Хулијан Алварез (4), Енцо Фернандез (12), Алексис Мекалистер (37) и Џулијано Симеоне (71). Стрелец на единствениот гол за Бразил беше Матеус Куња во 26. минута.

 

Во првиот квалификациски натпревар во ноември 2023 година, исто така победи Аргентина со 1:0 на „Маракана“. Бразил не ја победил Аргентина од финалето на Копа Америка во 2019 година (1:0).

Ремито 0:0 на натпреварот што претходно го одиграа Уругвај и Боливија, го запечати местото на Аргентина на Светското првенство во 2026 година, со што стана првата јужноамериканска репрезентација што се квалификувала на светскиот турнир во Северна Америка.

Аргентина е прва на табелата со 31 бод, а Бразил е четврти со 21 бод. Во следното коло од јужноамериканските квалификации, Аргентина ќе гостува кај Чиле, додека Бразил ќе гостува кај Еквадор.

globe

Слични новости