Народната банка за наредната година очекува умерено забрзување на растот којшто би се искачил на 3,3 отсто, со позитивен придонес од сите компоненти на растот, меѓу кои и најавениот јавен инвестициски циклус и повисокиот прилив на странските директни инвестиции. Се очекува забрзување на извозот со понатамошно закрепнување на светските услови, како и позитивен придонес на личната потрошувачка при раст на расположливиот доход и очекувања за солидно кредитирање на населението. Сепак, ризиците постојат и потребен е внимателен пристап. Ова го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за „Македонското радио“.
Ангеловска-Бежоска ги посочи трите основни фактори за економскиот раст на една економија − продуктивноста, човечкиот и физичкиот капитал, чиј обем зависи од јавните и приватните инвестиции.
За следната година се очекува одредено подобрување кај инвестициите, дури и на среден рок, поради најавениот посилен јавен инвестициски циклус и позначителниот прилив на странските директни инвестиции. Се очекува дека растот на инвестициите во просек ќе изнесува околу 7%. Притоа, Ангеловска-Бежоска посочи дека странските директни инвестиции во првите три квартали од оваа година надминаа 800 милиони евра.
„Доколку продолжат овие трендови, тоа е добар сигнал за засилување на инвестициската активност и зголемување на потенцијалот за раст“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска и додаде дека се потребни значителни реформски зафати за да се подигне нивото на продуктивноста во нашата економија, којашто во моментов е половина од просечното ниво на продуктивноста во ЕУ.
Гувернерката ја истакна и важноста на извозот, како значајна алатка за малите економии, коишто немаат сопствен голем пазар и се упатени на пласирање на своето производство на странските пазари.
„Постојат голем број емпириски истражувања коишто ги поврзуваат степенот на надворешната трговија во една земја (извозот) и степенот на конвергенција. Кај нас во последните две декади доходовната конвергенција е двојно зголемена, меѓу другото поради големото зголемување на извозот од 70% на 150% од БДП, со што сме земја со најголема трговска отвореност во регионот на Западен Балкан. Имавме поголем пад на извозот во периодот на пандемијата, меѓутоа потоа следеше процес на постепено закрепнување. Во последниот период има одредено стабилизирање, при што главно овие трендови се во согласност со светските трендови каде што се гледа забавување на растот на светската трговија којшто се сведе на 0,8%. Врз македонската економија влијаеа и одредени специфични домашни фактори, односно привременото неработење на одредени капацитети од металопреработувачката и автомобилската индустрија, за кои се надеваме дека се од привремен карактер и за кои сметаме дека од наредната година ќе придонесат кон солидно забрзување на извозот од 5,8% на среден рок“, нагласи гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Слични новости
Ладниот циклон доаѓа во Македонија со врнежи од снег
Поради понатамошно спуштање на многу ладен воздух од север, поврзан со Средоземниот циклон кој значително влијае на времето во Македонија, во следните три дена, односно до петок на повеќе места ќе донесе врнежи од снег
Нафтата поскапе во слабото предпразничко тргување
Во слабото тргување пред празниците, цените на нафтата во вторникот пораснаа за околу 30 центи за барел, поттикнати од благо позитивните краткорочни изгледи на пазарот
Се проширува штрајкот во „Starbucks“ во САД
Штрајкот на американскиот синџир кафетерии „Starbucks“ ќе се прошири на повеќе од 300 продажни места во САД во вторник, при што се очекуваше вкупно повеќе од 5.000 работници да штрајкуваат