Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески денеска одржал работен состанок со амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Михалис Рокас.
На средбата главен фокус на разговорите биле економските перспективи на земјата во контекст на евроинтегративниот процес, можностите за забрзување на процесот и подготвеноста на македонската економија да заземе активна улога во исполнување на критериумите и обврските кои произлегуваат од истиот.
Како што соопштија од Стопанската комора на Македонија, Азески го запознал Рокас со моменталните економски состојби во државата, чекорите кои Стопанската комора ги презема за подготовка и јакнење на конкурентноста на нашите компании, со цел да бидат подготвени за ЕУ пазарите и усогласување со ЕУ законодавството, вклученоста на Комората во регионалните иницијативи и соработката со ЕУ институциите.

„Бизнис-заедницата е подготвена да ги прифати неопходните реформи, но за нивна успешна имплементација е потребна предвидлива бизнис-клима и силна поддршка од институциите. Приватниот сектор има клучната улога во процесот на пристапување кон ЕУ и затоа ЕУ е и останува клучен партнер за македонскиот бизнис“, нагласил Азески.
Во разговорот амбасадорот Рокас истакнал дека е потребна политичка храброст за Северна Македонија да продолжи напред, но посочил дека го охрабрува фактот што бизнис-секторот го поддржува евроинтегративниот процес и најави дека во иднина приватниот сектор ќе биде еден од клучните двигатели.
На состанокот, на кој присуствувал и генералниот секретар на Коморскиот Инвестициски Форум( ЗБ6-КИФ ) Татјана Штерјова Душковска, се отворило и прашањето за активностите на Стопанската комора на регионален план.
„Постои активен дијалог со институциите на ЕУ, и КИФ е вклучен во креирање и имплементација на акцискиот план за заедничкиот регионален пазар“, потенцирала Штерјова Душковска, се наведува во соопштението.
Амбасадорот Рокас ја поздравил иницијативата за креирање на Бизнис- Клуб Европа при Стопанската комора на Македонија, иницијатива посветена на поддршка на македонските компании во процесот на економска интеграција во ЕУ.
„Ова тело ќе функционира како платформа за поврзување на бизнисите со институциите на ЕУ, за спроведување на реформи, усогласување со европските регулативи и подобрување на конкурентноста на пазарот на ЕУ“, се додава во соопштението.
Јадранка Аризанковска, советник за ЕУ интеграции во Комората, на состанокот истакнала дека вклучувањето на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ предводени од ЕУ амбасадорот во активностите на Клуб Европа може значително да го зајакне процесот на економска интеграција и да ги подобри можностите за соработка помеѓу македонските компании и ЕУ бизнисите. Амбасадите, посочила, можат да играат клучна улога во поврзувањето, финансиската поддршка и преносот на знаење, што ќе придонесе кон подобра подготовка на македонската економија за пристапување во ЕУ.
Слични новости
Ниту еден чекор на Владата нема да биде во насока да се влоши состојбата во медиумскиот сектор
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, учествуваше во вчерашната дебата на емисијата „360 степени“ на МРТ1, каде што главна тема беа Нацрт-измените на Законот за медиуми. Тој потсети дека нацртот бил објавен на системот ЕНЕР, дека имало различни коментари и дека актуелната верзија е некаква средна вредност што произлегла од нив.
Претреси на повеќе локации низ државата поради сомнителни набавки на нафтени деривати
На локации во Скопје и низ државата во тек е акција на Одделот за субивање на организиран криминал и корупција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција
Собранието ја изгласа предлог-одлуката за објавување јавен конкурс за именување на членови на Програмскиот совет на МРТ
Собранието денеска во рамки на 38. седница ја изгласа предлог одлуката за објавување на јавен конкурс за именување на членови на Програмскиот Совет на Македонската радио телевизија, како и таа за именување на член на Државната комисија за одлучување во управна постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен