Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески денеска одржал работен состанок со амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Михалис Рокас.
На средбата главен фокус на разговорите биле економските перспективи на земјата во контекст на евроинтегративниот процес, можностите за забрзување на процесот и подготвеноста на македонската економија да заземе активна улога во исполнување на критериумите и обврските кои произлегуваат од истиот.
Како што соопштија од Стопанската комора на Македонија, Азески го запознал Рокас со моменталните економски состојби во државата, чекорите кои Стопанската комора ги презема за подготовка и јакнење на конкурентноста на нашите компании, со цел да бидат подготвени за ЕУ пазарите и усогласување со ЕУ законодавството, вклученоста на Комората во регионалните иницијативи и соработката со ЕУ институциите.

„Бизнис-заедницата е подготвена да ги прифати неопходните реформи, но за нивна успешна имплементација е потребна предвидлива бизнис-клима и силна поддршка од институциите. Приватниот сектор има клучната улога во процесот на пристапување кон ЕУ и затоа ЕУ е и останува клучен партнер за македонскиот бизнис“, нагласил Азески.
Во разговорот амбасадорот Рокас истакнал дека е потребна политичка храброст за Северна Македонија да продолжи напред, но посочил дека го охрабрува фактот што бизнис-секторот го поддржува евроинтегративниот процес и најави дека во иднина приватниот сектор ќе биде еден од клучните двигатели.
На состанокот, на кој присуствувал и генералниот секретар на Коморскиот Инвестициски Форум( ЗБ6-КИФ ) Татјана Штерјова Душковска, се отворило и прашањето за активностите на Стопанската комора на регионален план.
„Постои активен дијалог со институциите на ЕУ, и КИФ е вклучен во креирање и имплементација на акцискиот план за заедничкиот регионален пазар“, потенцирала Штерјова Душковска, се наведува во соопштението.
Амбасадорот Рокас ја поздравил иницијативата за креирање на Бизнис- Клуб Европа при Стопанската комора на Македонија, иницијатива посветена на поддршка на македонските компании во процесот на економска интеграција во ЕУ.
„Ова тело ќе функционира како платформа за поврзување на бизнисите со институциите на ЕУ, за спроведување на реформи, усогласување со европските регулативи и подобрување на конкурентноста на пазарот на ЕУ“, се додава во соопштението.
Јадранка Аризанковска, советник за ЕУ интеграции во Комората, на состанокот истакнала дека вклучувањето на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ предводени од ЕУ амбасадорот во активностите на Клуб Европа може значително да го зајакне процесот на економска интеграција и да ги подобри можностите за соработка помеѓу македонските компании и ЕУ бизнисите. Амбасадите, посочила, можат да играат клучна улога во поврзувањето, финансиската поддршка и преносот на знаење, што ќе придонесе кон подобра подготовка на македонската економија за пристапување во ЕУ.
Слични новости
Мицкоски: „Никогаш повеќе“ не е само фраза, тоа е залог
Денес стоиме со почит, тага и надеж, сеќавајќи се на жртвите од Втората светска војна и трагедијата на Холокаустот, која не ја одмина ниту Македонија. Над 7.000 македонски Евреи беа депортирани во логорот Треблинка, а нивниот живот, историја и култура беа насилно прекинати
Симулација на вонредна состојба за проверка на капацитетите на МВР и ТАВ Македонија
Симулациска вежба на заложничка криза се одржа денеска на Меѓународниот Аеродром Скопје на Припадници на специјалните сили на Министерството за внатрешни работи во соработка со аеродромските безбедносни служби на ТАВ Македонија, која има за цел тестирање на капацитетите на институциите на национално ниво како и економскиот оператор ТАВ за справување со вакви ситауции и оценка на ефикасноста на плановите за итни ситуации и вонредни состојби на аеродромот, протоколите за комуникација и координацијата меѓу повеќето учесници.
Расте бројката разводи, во пад на склучените бракови
Браковите сѐ почесто завршуваат со развод, а истовремено опаѓа и бројот на новосклучени бракови и раѓања, покажуваат најновите податоци на Државниот...