Британскиот аеродром Хитроу соопшти дека ќе биде затворен цел ден во петок, откако големиот пожар во блиската електрична трафостаница го прекина снабдувањето со електрична енергија, што го наруши распоредот на летови ширум светот.

Лондонската противпожарна бригада соопшти дека околу 70 пожарникари се борат со пожарот во западен Лондон што предизвика голем прекин на електричната енергија на Хитроу, најпрометниот аеродром во Европа и петти најпрометен аеродром во светот.

Огромни портокалови пламени и облаци од чад беа видени како се издигаат кон небото. Околу 150 луѓе се евакуирани од околните домови, а илјадници објекти се без струја. Пожарникарите соопштија дека причината за пожарот не е позната.

„За да ја одржиме безбедноста на нашите патници и колеги, Хитроу ќе биде затворен до 23:59 часот на 21 март“, соопшти аеродромот Хитроу во објавата на X, додавајќи дека на патниците им се препорачува да не доаѓаат на аеродромот.

Според веб-страницата за следење летови FlightRadar24, најмалку 120 дојдовни летови до Хитроу морале да бидат пренасочени кон други аеродроми. Вкупно 1.351 лет требаше да слетаат и полетаат од Хитроу во петокот.

Експертите од индустријата велат дека туризмот, патувањата и трговијата дополнително ќе бидат нарушени ширум светот, бидејќи летовите ќе бидат откажани или одложени бидејќи авионите не се на нивните позиции.

На пример, воздухопловната компанија „British Airways“ имала планирана 341 лет кој требало да слета на Хитроу во петокот.

„Јасно е дека тоа ќе има значително влијание врз нашиот бизнис и нашите клиенти, и работиме што е можно побрзо да ги информираме за нивните можности за патување во следните 24 часа и понатаму“, велат од авиокомпанијата.

Пожарот предизвика пренасочување на летовите низ светот.

Австралискиот „Qantas Airways“ го пренасочи својот лет од Перт до Париз, лет на „United Airlines“ од Њујорк до Шенон во Ирска и на „United Airlines“ лет од Сан Франциско до Вашингтон. Некои летови од САД се свртеа во воздух и се вратија на својата појдовна точка.

„Хитроу е еден од најголемите светски центри. Ова ќе ги наруши операциите на авиокомпаниите ширум светот“, изјави Иан Петченик, портпарол на веб-страницата FlightRadar24.

Експертите за патувања рекоа дека прекинот ќе се прошири многу подалеку од Хитроу.

Внимателно координираните мрежи на авиокомпании зависат од тоа дали авионите и екипажите се на одредени локации во одредено време. Десетици авиокомпании ќе мора итно да ги реконфигурираат своите мрежи за да ги преместуваат авионите и екипажите.

„Второто прашање е што ќе направат авиокомпаниите за да се справат со бројот на засегнати патници“, вели аналитичарот на туристичката индустрија Хенри Хартевелт од туристичкиот советодавен институт Atmosphere Research Group.. „Ќе бидат хаотични неколку дена“, коментира тој.

Некои патници се свртеа кон социјалните мрежи. Адријан Спендер, кој работи во британскиот трговец на мало „Tesko“, во објава на Х рече дека бил во „Airbus А380“ кој летал кон Хитроу. „#Heathrow сè уште немаме идеја каде одиме. Во моментов сме над Австрија“.

Хитроу и другите големи лондонски аеродроми беа погодени од прекини во последниве години, неодамна поради дефект на автоматските излези и дефект на системите за контрола на летање, и двата во 2023 година.

Портпаролот на Хитроу во е-пошта за Reuters изјави дека не е јасно кога ќе се врати струјата и дека очекуваат значителен прекин во наредните денови.

Во Лондон без струја останаа бројни домови и деловни објекти. „Пожарникарите донесоа 29 лица на безбедно од соседните имоти, превентивно беше подигната ограда во радиус од 200 метри, а околу 150 лица беа евакуирани“, соопштија пожарникарите.

globe

Слични новости

Макрон убеден дека ЕУ повторно ќе мора да прибегне кон заедничко задолжување

Макрон убеден дека ЕУ повторно ќе мора да прибегне кон заедничко задолжување

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во четвртокот вечерта дека е убеден дека Европската унија ќе мора повторно да прибегне кон заедничко задолжување за да го врати претходниот долг и за поголеми трошоци за одбраната

Израел започна операција во Рафах, ЕУ повикува на враќање на примирјето

Израел започна операција во Рафах, ЕУ повикува на враќање на примирјето

Додека европските челници на самитот во Брисел повикаа на враќање на примирјето и враќање на заложниците, израелската војска доцна во четвртокот објави дека започнала копнена операција во кампот Шабура во градот Рафах, во јужниот дел од палестинската енклава Појасот Газа