Ја имав привилегијата, од прва рака да дознаам како и кога е напишана песната „Абре Македонче“. Таа е пишувана во 1939, веднаш откако македонската комунистичка илегала од Загреб скришум ја носи од печатница „Бели мугри“ на Кочо Рацин и ја раздава низ Македонија за освестување на пролетеријатот.

Во таа 1939 – во пикот на доминацијата на европскиот фашизам предводен од Хитлер и Мусолини, кога цела Европа трепери пред нивната закана, откако британскиот премиер Невил Чемберлен ќе се согласи на аншлусот на Австрија, на парчењето на Чехословачка заради германските Судети, кога повеќето европски влади „играат пиперевка“ и одат на поклон пред Хитлер, вклучително и онаа во Софија која го преземеа нацистичкиот поздрав во бугарскиот парламент за што има филмувани сведоштва -е тогаш Оцка и македонските комунисти ја пишуваат „Абре Македонче“.

Клучната строфа е „Нека разберат клетите фашисти -македонско име нема да загине “. Како еден вид пророштво, но и аманет, завет, до идните поколенија да не се откажат од македонското име. За жал, тој завет го испоганивме, во замена за „европска перспектива“.

Но, и како еден вид пркос против најмоќното зло што царува во Европа, дека Македончето можеби мало како нација има достоинство и пркос во себе, да не се исплаши од баукот на фашизмот што ја преплави цела Европа.

И еден многу важен факт: Таа песна е пишувана во 1939 од Македонци, целосно свесни за нивниот македонски национален идентитет. Затоа е историски фасилфикат, ступидна и навредлива тезата на Софија чија крајна цел е во бесконечните попуштања и преговори „да признаеме дека сме Бугари по род и дека до 1941 не постоела македонска нација, која е наводно измислена од Коминтерната и Тито“ !.

Она што себе милува денес да се нарекува македонска левица без никаков легитимитет за тоа ( тука мислам на Социјалдемократите и нивните коалициски партнери, а не на онаа патетична опортунистичка мешавина од квазиидеологии кои може да сумираат како национал-болшевизам, а која бесрамно го узурпираше името „Левица“ за име на сопствената партија ) крајно го потценува пркосот, и борбата за  правда на Македонецот.

Конечно, на изборите во 2016 СДСМ дојде до огромната бројка од 434.000 гласови јавајќи на бранот на слоганот на Шарената револуција „Нема правда, нема мир“. Македонците масовно излегоа на улиците кога тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов даде масовна аболиција на политичари и кога луѓето се почувствуваа обесправени, односно дека правдата има двоен аршин, еден за нив, а друг за некоја привилегирана политичка каста. Потоа и тоа до коска го злоупотребија, го испоганија и искористија за лични политички рекети и на крајот се сведоа на едноцифрена поддршка од граѓаните !

Сега се обидуваат да наметнат дебата во јавноста поаѓајќи од според мое мислење, сосема неточни тези.

Главната е дека македонската десница печали на креирањето лажна слика за вечна обесправеност на Македонецот од која треба да се еманципира. Но знаете што: Ако постојано ве демни некој манијак кој се обидува да ве убие, лекот не е во тоа што на жртвата ќе и кажете дека страда од илузии и параноја. Грција реално водеше 30 години дипломатска војна со цел македонско име да загине. Истото тоа го прави сега Софија, со уште поужасна закана, да докаже дека не постои македонски корен, дека тоа е некаква измислица и историски фалсификат.

И види чудо: Мнозинството граѓани не мислат дека е тоа параноја. Па во денешно време на достапност на интернет и секакви информации, гледаат дека тоа е агенда на Бугарија, која впрочем е и ачик, не се ни труди да ја потзаскрие. Луѓето се свесни дека прашањето за вментување на Бугарите во Уставот не е конечен услов, туку првиот предуслов, по кој ќе следи бесконечна серија од отстапки, омаловажувања, откажување од сопствената историја и гордост, од горчливи неправди.

Тоа што одредени личности „се обидуваат да ги превреднат сите вредности“ и тоа да го прикажат како процес на еманципација на Македонецот од наводната национална патетика која на крајот ќе била погубна, тоа само дотура сол врз раната.

За времето на ерата на пропагандите и судирот на грчката Патријаршија и бугарската Егзархија сосе колежите на терен, на крај на 19. и почетокот на 20. век Петре. М Андреески ( дури и неговото име и книжевен талент се најде под удар на општите обиди за „превреднувања“)  во „Небеска Темјановна“ пиша дека Македонците ги тепаа своите деца за да плачат, зошто кога плачат забораваат дека се гладни. И дека за едно решето жито човек ќе се пише  и Бугарин и Србин и Грк. Да има друго и друго ќе се пише, оти не се трае за јадење. “

Не бива некој да не враќа во тоа време. Се разбира ова е мое лично мислење. Но реалноста, а посебно изборните резултати, не ме демантираат.

 

Слични новости

Силата на новата десница

Силата на новата десница

Можеби најзначајно од се во идеолошка смисла, е паѓањето, или барем поместувањето на таканаречениот „санитарен кордон“ околу есктремната десница.

Одговорноста на медиумите

Еден од последните примери дека трацидиционалните медиуми се обидуваат да го вратат достоинството на медиумите и новинарската професија беше начинот на кој Си Ен Ен ја организираше претседателската дебата меѓу Џозеф Бајден и Доналд Трамп.

Ќе има ли Македонија опозиција ?

Внатрепартиските избори во СДСМ во јуни нема да поместат ништо. Агонијата на партијата која потона, ќе си продолжи по инерција. Единствен противник кој во моментов го има ВМРО-ДПМНЕ е самото ВМРО-ДПМНЕ, а бришаниот простор што го има пред себе, може само самата да си го загрози.