Само два дена пред Божик, легендарната божикна лотарија на Шпанија исплати невидени 2,77 милијарди евра (3,25 милијарди долари) добивки во понеделникот. Тоа е за 70 милиони евра повеќе од минатата година, што ја прави оваа сума најголема во историјата на лотаријата, објавија локалните медиуми.

Основана пред повеќе од 200 години, оваа лотарија се смета за најстара во светот, а поради количеството пари што се вложува, е позната и како најголема томбола.

Самата главна награда, наречена Ел Гордо („Дебелиот“), која нуди четири милиони евра по лоз, ќе биде исплатена 198 пати оваа година – пет пати повеќе отколку во 2024 година.

Оваа година, за извлекувањето на Ел Гордо беа потребни околу час и половина.

Точно во 10:44 часот утрото, во историската оперска куќа “Театро Реал“ во Мадрид, беше извлечен среќниот број 79.432. Бројот го испеаја две ученички од интернатот Сан Илдефонсо, проследени со гласни извици и аплауз од публиката.

Локалните медиуми објавија дека големата награда им припадна на неколку купувачи на лоз во Мадрид, но и на неколку посиромашни села во регионот Леон, кој годинава беше силно погоден од шумски пожари.

Едно такво место е Ла Бањеза, град со 10.000 жители. Таму, четири млади девојки, чии семејства купиле неколку лозови за главната награда, навиваа пред камерите на RTVE. „Многу ни беше тешко овде. Но, сега е време да славиме!, „извика еден од нив, бликајќи од среќа.

Втората награда од 1,25 милиони евра беше извлечена 15 минути по почетокот на лотаријата и му припадна на бројот 70.048.

globe

Слични новости