Швајцарците јасно со 79 отсто од гласовите на излезените на референдумот во неделата го отфрлија предлогот за воведување данок од 50 отсто на наследство во вредност од 50 милиони швајцарски франци и повеќе, објави јавниот радиодифузен сервис SRF во првичната проценка на резултатите.

Овој референдум е еден од најконтроверзните во поновата швајцарска политичка историја и го одразува глобалниот јаз меѓу земјите што се натпреваруваат да привлечат богати семејства со фискални стимулации и оние што сакаат да го оданочат она што го сметаат за прекумерно богатство.

Предлогот на крајно левичарската партија Млади социјалисти (JUSO) би вовел федерален данок на наследство и подарок од 50 отсто за средства и трансфери што надминуваат 50 милиони швајцарски франци, што претставува драматичен прекин со традицијата на Швајцарија за децентрализирано и ниско оданочување, а даночните приходи би се наменеле за ублажување на климатските промени.

 

Гласањето го следат внимателно банкарите, кои го гледаа исходот како лакмус тест за апетитот на Швајцарија за прераспределба на богатството, додека други земји, како што е Норвешка, ги зголемија даноците на богатство или веќе разговараат за слични потези.

Во Швајцарија се некои од најскапите градови во светот, а загриженоста за трошоците за живот е сè поприсутна во локалната политика. Критичарите на иницијативата рекоа дека таа би можела да предизвика егзодус на супербогатите од Швајцарија, намалувајќи ги вкупните даночни приходи.

Швајцарската влада ги повика гласачите да ја отфрлат и остро да ѝ се спротивставува на иницијативата, предупредувајќи дека таков потег би ја поткопал привлечноста на Швајцарија како стабилно засолниште за меѓународно мобилно богатство.

Истовремено во неделата, Швајцарците со големо мнозинство ја отфрлија задолжителната цивилна служба за сите, без оглед на полот, покажаа излезните анкети. Според проценките собрани по затворањето на гласачките места во 12:00 часот, огромното мнозинство швајцарски гласачи рекоа „не“ на иницијативата со 79 проценти од гласовите.

Владата и парламентот ги повикаа своите сограѓани да го отфрлат предлогот. Поддржувачите на иницијативата за цивилна служба повикаа на „вистинска еднаквост“, тврдејќи дека сегашниот систем ги дискриминира жените со тоа што им го одзема искуството што го стекнуваат преку воените и другите цивилни служби.

Противниците ја отфрлија идејата, тврдејќи дека Швајцарките веќе поминуваат 60 отсто од своето време на неплатени задачи, за разлика од мажите, и дека усвојувањето на иницијативата дополнително ќе ја влоши нерамнотежата.

Според швајцарскиот систем на директна демократија, 100.000 потписи се доволни за да се стави речиси секое прашање на гласање на народот. Затоа, швајцарските граѓани редовно се консултираат за широк спектар на прашања на федерално, кантонално и општинско ниво.

globe

Слични новости

Стармер: Американските закани со царини се целосно погрешни

Стармер: Американските закани со царини се целосно погрешни

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека САД направиле грешка што се закануваат со нови царини врз европските земји поради нивното противење на намерата на американскиот претседател Доналд Трамп САД да го анектираат Гренланд