Цените на нафтата на меѓународните пазари се стабилизираа околу 62 долари во вторникот, одразувајќи ги растечките тензии на Блискиот исток и неизвесноста околу мировните преговори за прекин на војната во Украина и проценките за вишоците во понудата.
На лондонскиот пазар попладнево, со барелот се тргуваше за 62,19 долари, што е за 25 центи поскапо отколку на затворањето на тргувањето вчера. На американскиот пазар, барелот беше поскап за 29 центи и чинеше 58,37 долари. Референтните цени ден претходно скокнаа за повеќе од два отсто.
Засебните пресметки од Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) покажуваат дека барелот од референтната кошничката нафта на нејзините членки во понеделникот бил за 97 центи поевтин од крајот на минатата трговска седмица и изнесувал 61,03 долари.
Вниманието на трговците и денеска беше насочено кон истокот, кон ескалацијата на тензиите меѓу Русија и Украина, откако Москва го обвини Киев за напад врз резиденцијата на претседателот Владимир Путин. Украина тврди дека обвинувањата се неосновани и насочени кон нарушување на мировните преговори.
„Се чини дека трговците сега ги прилагодија своите очекувања, ненадевајќи се на напредок во мировниот договор меѓу Украина и Русија на краток рок“, вели аналитичарот на UBS, Џовани Стауново.
Континуираната блокада на венецуелската нафта од страна на САД и лошите временски услови што ги запреа испораките преку гасоводот Касписки цевководен конзорциум (CPC), исто така, ги поддржаа цените во вторникот, додава аналитичарот.
Воздушните напади од страна на коалицијата предводена од Саудиска Арабија против она што тие го тврдат како странска воена поддршка за сепаратистите во Јемен, поддржани од Обединетите Арапски Емирати, исто така, придонесоа за стравувањата за снабдувањата.
И покрај обновените загрижености за можни прекини во снабдувањето, останува перцепцијата за прекумерна понуда на глобалниот пазар што би можела да го ограничи зголемувањето на цените, велат аналитичарите.
Официјалните податоци од американската Администрација за енергетски информации (EIA) во понеделникот покажаа дека залихите на сурова нафта во САД се зголемиле за 0,41 милиони барели во седмицата што заврши на 19 декември. Тие се намалија за 1,27 милиони барели во претходната седмица. Трговците очекуваа залихите да се намалат за 2,4 милиони барели.
Американскиот институт за нафта (API) треба да ги објави податоците за седмицата што заврши на 26 декември во вторник навечер.
Цените веројатно ќе бидат во опаѓачка траекторија во првиот квартал од 2026 година поради „растечката презаситеност со нафта“, рече аналитичарот на „Marex“, Ед Меир.
Слични новости
Инфлацијата во Велика Британија падна на 3 насто во јануари
До тоа дојде пред се благодарение на пониските цени на бензините и забавувањето на поскапувањето на храната, објавува Гардијан.
Британските банки планираат алетернатива за платежните картички поради страв од Трамп
Шефoвите на најголемите британски банки го одржаа првиот состанок за воспоставување на локален платен систем, познат како „ DeliveryCo” за да ја намалат зависноста од американските платни картички Виза и Мастеркард
Германија: Илjaдници работодавачи одбивале да исплатат минимална плата за 2025
Илладници работодавачи во Германија одбија да ја исплаата минималната плата во текот на 2025, соопшти финансиската контрола за непријавена работа


