Продажбата на автомобили во Европската унија се зголеми по петти месец по ред во ноември, благодарение на континуираната силна продажба на електрични возила, но беше значително послаба отколку на почетокот од есента, соопшти европското здружение на производители на автомобили ACEA во извештај објавен во вторникот.
Во ноември во ЕУ се регистрирани 887.491 нови автомобили, што е зголемување од 1,4 отсто во однос на истиот месец минатата година, пресмета здружението.
Продажбата со тоа значително се забави на крајот од годината, откако порасна за 5,8 отсто во октомври и за дури 10 отсто во септември, поттикната од понудата на нови модели.
Податоците за периодот од јануари до ноември, исто така, покажуваат раст од 1,4 отсто во споредба со истиот период минатата година.
„И покрај неодамнешниот позитивен моментум, вкупниот обем останува далеку под нивоата пред пандемијата“, забележа ACEA.
Продажбата во Германија, најголемиот пазар во ЕУ, се зголеми за 2,5 отсто во ноември во споредба со истиот месец минатата година, додека продажбата во Италија и Франција остана на исто ниво како и минатата година. Од четирите најголеми економии на ЕУ, Шпанија забележа најголем раст на регистрациите на нови автомобили во ноември, со пораст од 12,9 отсто.
Европските купувачи беа најзаинтересирани за електрични хибриди во периодот од јануари до ноември, со пазарен удел од 34,6 отсто.
Според ACEA, групата вклучува „целосни и делумни хибриди“ кои, во зависност од моќноста на батеријата, можат да работат само на електрична енергија до 62 отсто од времето во просек.
Следат возилата на бензински погон, со удел од 27,0 отсто, и возилата на електрични батерии со 16,9 отсто.
Уделот на дизелите се намали на 9,0 отсто, додека уделот на plug-in хибридите се зголеми на 9,3 отсто, пресмета здружението.
Пазарниот удел на електричните хибридни возила бил речиси еднаков на оној на бензинските и дизел возилата, покажа извештајот на ACEA.
Слични новости
Европските берзански индекси во пораст
Европските берзански индекси денеска се главно во пораст, откако беше продолжен позитивниот тренд од петокот
Антонио Гутереш повика на економски пресврт и напуштањето на БДП како главна мерка на пресметка на успехот
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди дека сегашните економски модели го наградуваат загадувањето и трошењето на ресурсите и водат кон еколошка катастрофа.
Продажбаата на кинеската кукла Лабубу надмина 100 милиони во 2025
Аналитичарите истакнуваат дека овие резултати означуваат клучна промена во кинеската економија затоа што фокусот се поместува од традиционалната етикета „прозведено во Кина“ на модерната „креирано во Кина“.


