САД ја одобрија продажбата на 500 ракети-пресретнувачи „Патриот“ (PAC-3) за Украина, во вредност од 2,1 милијарди долари, во момент кога земјата се соочува со засилени руски воздушни напади. Сепак, украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека за испораката на ракетите би можеле да бидат потребни и неколку години.

Американскиот Стејт департмент соопшти дека набавката целосно ќе биде финансирана од европските сојузници на Украина и Канада, без користење американски средства.

Плаќањето ќе се реализира преку донации од Канада, Германија и Норвешка, програмата JUMPSTART, како и национални средства финансирани преку заемот на Европската Унија за поддршка на Украина.

Главен изведувач на договорот ќе биде американската компанија „Локхид Мартин“. Од Стејт департментот оценуваат дека продажбата ќе придонесе за остварување на американските надворешнополитички и безбедносни цели, преку зајакнување на одбраната на Украина и стабилноста во Европа.

Зеленски ја поздрави одлуката на Вашингтон, но порача дека на Украина ѝ се потребни ракетите веднаш, а не по неколку години. Тој повторно побара од САД да ја забрзаат испораката на противвоздушните системи, кои се меѓу ретките ефикасни средства за пресретнување на руските балистички ракети.

 

Слични новости

Три години војна во Газа

Три години војна во Газа

Пред три години почна војната во Газа, предизвикана од нападот на Хамас врз Израел. Епилогот е што околу два милиони жители на Газа се и натаму раселени, а многумина живеат во шатори меѓу урнатините.

Два трговски брода нападнати во Црното море во близина на Бугарија, едниот потона

Два трговски брода нападнати во Црното море во близина на Бугарија, едниот потона

Бугарскиот премиер Румен Радев го оцени нападот како недозволив и како грубо кршење на меѓународното и поморското право. Според официјалното соопштение на владата во Софија нападот се случил околу 3 часот наутро, а биле употребени воздушни и морски дронови.