Соединетите држави значително ги намалија предложените нови царини за увоз на тестенини од неколку италијански производители, по прелиминарна анализа на нивните антидампинг активности, објави италијанското Министерство за надворешни работи.
Новата анализа покажа дека италијанските производители решиле многу од проблемите идентификувани во првичната проценка, изјави функционер на Министерството за трговија на САД.
САД објавија во октомври дека ќе воведат дополнителна царина од 92 отсто за увоз на тестенини од 13 италијански производители, покрај стандардната царина од 15 отсто за повеќето стоки увезени од Европската унија, обвинувајќи две од компаниите – „La Molisana“ и „Garofalo“ – за продажба на тестенини по неправедно ниски цени.
По новата проценка, Министерството за трговија на САД ја намали предложената дополнителна царинска стапка на 2,26 отсто за тестенините од „La Molisana“ и на 13,98 отсто за тестенините од „Garofalo“, соопшти италијанското Министерство за надворешни работи. Останатите 11 производители на тестенини, кои не беа индивидуално оценети во новата проценка, подлежат на царина од 9,09 отсто.
„Повторната пресметка на царините е знак дека американската влада препознава дека нашите компании се подготвени конструктивно да соработуваат“, се вели во соопштението на италијанското министерство.
Вашингтон е посветен на спроведување „фер, транспарентен процес“, изјави претставник на Министерството за трговија на САД.
„(Нашата) анализа по прелиминарната проценка покажува дека италијанските производители на тестенини ги решија многу од загриженостите што ги покрена Министерството за трговија во својата прелиминарна одлука“, рече претставникот, додавајќи дека Министерството за трговија ќе продолжи да комуницира со засегнатите страни и да ги земе предвид сите информации пред да донесе конечна одлука.
Конечната одлука е закажана да биде објавена на 12-ти март, но рокот може да се продолжи до 60 дена. Новите царини ќе се применат дури откако ќе бидат анализирани сите резултати.
Со други зборови, досега САД не ги зголемиле тарифите за увоз на италијански тестенини.
Тринаесетте компании што се анализираат сочинуваат околу 16 отсто од вкупниот увоз на американски тестенини од Италија.
Вкупната вредност на извозот на италијански тестенини во 2024 година надмина четири милијарди евра, според податоците од италијанскиот завод за статистика ISTAT. Вредноста на американскиот пазар за италијанските компании е речиси 800 милиони долари.
Маргарита Мастромауро, претседателка на секцијата на производители на тестенини при италијанското здружение на производители на храна „Unione Italiana Food“, исто така, го поздрави намалувањето на предложените нови царини.
„Одлуката на американската влада потврдува дека САД обрнуваат внимание на Италија и на судбината на нашата економија“, рече Мастромауро.
Слични новости
Годишната стапка на инфлација во Бугарија во февруари намали на 3,3 насто
Годишната стапка на инфлација во Бугарија падна на 3,3 насто во февруари, во однос на 3,5 насто колку што изнесуваше во јануари. Ова е најниско ниво на инфлација во Бугарија од декември 2024 и одговара на прелиминарните проценки, пренесе Трејдинг економикс.
Европските акции во плус и покрај расто на цената на нафтата која е повисока од 100 долари за барел
Европските берзански индекси се во пораст и покрај високата цена на нафтата Брент која изнесува 102 долари за барел, додека берзите ја чекаат одлуката на Федералните резерви на САД за каматните стапки.
Доларот јакне, девизните пазари бегаат кон сигурност
На крајот од неделата доларот порасна за околу 0,7 отсто во однос на кошницата главни валути, додека еврото ослабе за околу 0,6 отсто и се спушти кон 1,14395 долари.


