Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави во петокот дека Соединетите државо во мировните преговори за Украина никому не наметнуваат договор, како и дека и Киев и Москва мора да сакаат да го постигнат, и предупреди дека нема да има мир во Газа додека Хамас не биде разоружан.

„На крајот на краиштата, од нив зависи да постигнат договор. Не можеме да ја принудиме Украина да постигне договор. Не можеме да ја принудиме Русија да постигне договор. Тие мора да го сакаат тоа“, инсистираше Рубио на прес-конференција во Вашингтон додавајќи дека е постигнат напредок, но дека останува уште многу работа.

Нагласи дека последните преостанати прашања се секогаш најтешките, без да прецизира на кои теми тоа се однесува.

Украинските мировни преговарачи започнуваат нова рунда разговори со американскиот тим во петок за предлози за завршување на војната со Русија, изјави шефот на делегацијата од Киев, Рустем Умеров. Пратеникот на Белата куќа, Стив Виткоф, и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер, исто така планираат да се сретнат со руската делегација во Мајами овој викенд, изјави за Reuters функционер на Белата куќа.

Рубио им рече на новинарите дека може да се приклучи во дел од преговорите за Украина во Мајами во сабота.

Одговарајќи на прашања, Рубио рече дека кога станува збор за Венецуела, САД не се загрижени дека може да има ескалација со Русија, додавајќи дека Вашингтон очекува Москва да му даде реторичка поддршка на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Администрацијата на Трамп испрати илјадници војници во регионот, заедно со носач на авиони, воени бродови и борбени авиони.

„Секогаш очекувавме дека ќе му дадат реторичка поддршка на режимот на Мадуро… тоа не е фактор во тоа како ја гледаме целата оваа работа“, рече Рубио.

Руското Министерство за надворешни работи во четврток изрази надеж дека администрацијата на Трамп нема да направи фатална грешка во врска со Венецуела и изрази загриженост за одлуките на САД што го загрозуваат меѓународниот поморски сообраќај.

Рубио, исто така, предупреди дека „нема да има мир“ во Газа без разоружување на Хамас.

„Доколку Хамас некогаш се најде во позиција да се заканува или да го нападне Израел, нема да има мир. Нема да убедите никого да инвестира пари во Газа ако мисли дека за две или три години ќе има нова војна. Затоа разоружувањето е толку важно“, нагласи американскиот државен секретар.

Покрај тоа, тој е уверен дека повеќе земји ќе сакаат да учествуваат во стабилизациските сили кои треба да го консолидираат кревкото примирје во Газа.

„Навистина сум убеден дека земјите кои се прифатливи за сите страни се подготвени да се обврзат и да бидат дел од овие стабилизациски сили“, рече тој.

Рубио, исто така, се осврна на разговорите меѓу претставниците на Израел и Либан одржани во петокот и очекува дека разговорите ќе доведат до силна либанска влада и разоружување на влијателното и моќно шиитско движење Хезболах.

„Се надеваме дека разговорите меѓу либанските власти и Израелците ќе создадат план и пат напред што ќе спречи понатамошен конфликт“, рече американскиот државен секретар.

globe

Слични новости