Премиерот Христијан Мицкоски попладнево во Брисел ќе учествува на Самит за проширувањето на Европската Унија во организација на телевизијата Еуроњуз, кој е замислен како собир на кој високи претставници на ЕУ и на земјите кандидати за членство ќе разговараат за иднината на европската интеграција.

Станува збор за прв настан од ваков тип на кој креаторите на политики, експертите и лидерите во телевизиски пренос во живо ќе дебатираат за клучниот избор на Европа: Дали Унијата ќе се прошири и ќе се развива или ќе ризикува стагнација?

Војната на границите на ЕУ и растечките демократски аспирации во нејзиното соседство го направија проширувањето повеќе од политика: сега тоа е стратешки императив, се наведува во најавата за настанот.

Се очекува Самитот да испита дали хоризонтот на проширување до 2030 година за земјите кандидати за членство од Западниот Балкан и од Источното партнерство е веродостоен или симболичен, како и што би значела подлабоката интеграција за демократијата, економијата и стратешката автономија на Европа.

На Самитот е најавено и учество на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на претседателите на Молдавија, Србија и Украина, Маја Санду, Александар Вучиќ и Володимир Зеленски, на премиерите на Албанија и на Црна Гора, Еди Рама и Милојко Спајиќ, на еврокомесарката за проширување Марта Кос, како и на претседатeлот на Комитетот за надворешни работи на ЕП, Дејвид Мекалистер.

 

Слични новости

Зеленски задоволен од разговорот со Виткоф

Зеленски задоволен од разговорот со Виткоф

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата изјави дека имал долг и „содржаен“ телефонски разговор со специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, како и со зетот на Трамп, Џаред Кушнер

Мицкоски: Не добив само реизбор, денес победи идејата за патот што го трасираме за Македонија

Мицкоски: Не добив само реизбор, денес победи идејата за патот што го трасираме за Македонија

Не добив само реизбор како претседател на ВМРО-ДПМНЕ туку денеска победи идејата. Победи патот што го трасираме за Македонија. Честа е голема и обврската и долгот кон доделената задача уште поголема, истакна Христијан Мицкоски откако попладнево на партискиот конгрес што се одржува во Кавадарци беше реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ