Компанијата ОКТА донесе одлука до крајот на март да обезбеди попуст од два денара по литар за дизел и бензин, за трговците кои набавуваат горива од компанијата. Велат дека овој потег доаѓа по зголемените количини гориво кои биле обезбедени преку продуктоводот „Вардакс“. Но, од нафтената компанија „Макпетрол“ сметаат дека намалувањето на цените од 2,5 денари (со ДДВ) за литар на нафтените деривати од страна на ОКТА не е доволно и не го решава проблемот кој го налага моменталната ситуација.
„Од утре, па до крајот на месецот, воведуваме попуст од два денара за литар дизел и бензин за оние големопродажни и малопродажни трговци коишто ги набавуваат своите горива од ОКТА. На тој начин, ние всушност им овозможуваме на овие компании понатаму да ја пренесат оваа придобивка кон потрошувачите. Сепак, мораме да нагласиме дека малопродажните и големопродажните трговци со горива ја задржуваат својата целосна слобода самостојно да ги утврдуваат продажните цени на горивата“, изјави Димитриос Пасхос, главен извршен директор на ОКТА АД – Скопје.
Од нафтената компанија „Макпетрол“ предупредуваат дека со оглед на состојбата, се очекува цените на суровата нафта и понатаму да растат, а тоа значи дека трговците и натаму ќе бидат принудени да работат со загуби. Посочија дека ОКТА и досега им продавала по цени повисоки од малопродажните.
„Имајќи предвид дека добавувачот во изминатиот период продаваше по многу повисоки цени од малопродажните регулирани цени од страна на РКЕ и остваруваа профити, додека трговците на мало работеа во загуба, но не ги затворија своите продажни објекти, за очекување беше дека ќе се добијат повисоки дисконти во набавната цена“, реагираат од „Макпетрол“.
Од „Макпетрол“ посочуваат дека како најдобро решение за надминување на проблемот за сите засегнати страни вклучувајќи и граѓаните, е замрзнување на набавните цени на нафтените деривати, а со тоа и малопродажните цени, како што е пракса во регионот. Додаваат и дека сè уште го чекаат официјалното известување од добавувачот ОKTA за намалувањето на цената.
Слични новости
Филипче: СДСМ 35 години ja носи одговорноста за иднината на државата
Во своето обраќање, претседателот Филипче подвлече дека денес СДСМ повторно стои пред голема историска и политичка задача – да ја врати надежта, правдата и европската перспектива на државата.
Привремено недостапни електронските услуги на порталот uslugi.gov.mk
Министерството за дигитална трансформација ја информира јавноста дека поради технички причини и тековни активности за надградба на опремата, одредени услуги на Националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk се привремено недостапни.
Продолжи судењето за трагедијата во Кочани
Клучната расправа се води околу тоа дали дел од веќе испрашаните, но тешко повредени и трауматизирани сведоци треба повторно да се појават пред судот.
Обвинителството смета дека нивните претходни искази се доволни, додека одбраната инсистира на нивно повторно сослушување.


