По спуштањето на железната завеса и Студената војна која беше остар идеолошки конфликт меѓу комунистичките и вредностите на демократскиот либерализам, САД несомнено се истакнаа како лидери на слободниот свет. По падот на комунизмот и берлинскиот ѕид, тие станаа единствената светска супер сила, а посткомунистичките земји, се построија за влез во НАТО и прифаќање на вредностите што ги заговараше Вашингтон.

Но, по се изгледа дека доаѓа крајот на класичниот капитализам и вредностите на либерализмот. Најголемите технолошки комапнии во САД кои создаваат и најголем профит, нивниот концепт го засниваат на рентиерство во облак, што е класичен облик на неофеудализам. Освен тоа, по падот на комунизмот, разликите меѓу екстремно богатите и сиромашните од година во година се зголемуваат, а социјалните разлики се заоструваат.

И тоа како да не беше доволно, новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп ( и самиот милијардер) во неговата нова администрација планира да назначи неколку милијардери меѓу кои и најбогатиот човек на светот сопственикот на Тесла и на социјалната платформа Икс Илон Маск.

Негова задача, како што се најавува, ќе биде да ја рационализира прегломазната американска администрација и да ги укине административните бариери и закони наметнати на бизнисот од федералната влада. Со други зборови, милијардерите ќе кројат закони кои ќе им овозможуваат да стануваат уште побогати, а малкуте механизми за опстанокот на средната класа ќе бидат укинати. До каде ќе оди ова и ќе стане ли Америка, земја со која управуваат грст олигократи, нешто за што досега беше вперувано со прст во Русија и моќните пребогати олигарси околу Владимир Путин.

Истовремено, уште пред да дојдат на власт, Трамп и Маск се однесуваат крајно агресивно кон остатокот од светот. Доналд Трамп ја нарече Канада американска провинција, а неодамна се закани и дека не исклучува примена на воена сила за да ги окупира и присоедини кон САД Гренланд и Панамскиот канал. Гренланд од 1953 е дел од Кралството Данска, но Брисел реагираше млако и збунето на отворената најава на новозибраниот американски претседател за агресија врз територија на земја членка на Европската унија. Во Брисел, сеуште се надеваат дека ќе може да се изградат прифатливи односи меѓу сојузниците.

Илон Маск, пак, ја користи својата социјална платформа Икс и насекаде води кампања против европските влади кои не се крајно десничарски. Му направи големи проблеми на британскиот премиер Кир Стармер (Лабурист) за време на расните протести во Британија, и бара од него оставка, обвинувајќи го дека е соучесник во групни силувања ! Слични проблеми има и шпанскиот премиер Педро Санчез, кој го обвини Маск дека ја подрива европската демократија со нескриената поддршка за крајната десница и неумерените навреди кон политичарите и партиите на центарот и на левицата. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека Маск има право да изразува ставови како граѓанин на САД, но дека ако за кусо време стане дел од амерканската официјална администрација, тогаш нема да може да дава вакви коментари. Независно од тоа Маск води кампања за поддршка на крајно-десничарската АФД во Германија пред престојните парламентарни избори во таа земја.

На крајот, се ќе се сведе на вредностите што се промовираат. Светогледот на Илон Маск е на човек кој е растен во апартхејд во Јужна Африка и оттаму произлегуваат неговиот расизам и крајно десничарски идеи. Но, тоа сигурно не се идеите и вредностите на западната демократија и либерализмот. Ако во еден момент престанат разликите меѓу политиките на САД, наспроти Кина или Русија,  западните вредности, како демократијата, владеењето на правото, неповредливоста на границите, човековите права, слободата на говорот, ќе бидат крајно загрозени, или сосема ќе исчезнат.

Двојните стандарди на Западот во однос на геноцидот во Газа, или поддршката на исламските екстремисти во Сирија, сигурно не помагаат во оваа приказна.  

 

Слични новости

Абре Македонче…

Абре Македонче…

За времето на ерата на пропагандите Македонците ги тепаа своите деца за да плачат, зошто кога плачат забораваат дека се гладни и не бараат за јадење.

Победата на Трамп и кризата на традиционалните медиуми

Победата на Трамп и кризата на традиционалните медиуми

Кампањата на Трамп не беше фокусирана дури ни кај традиционалните медиуми кои го поддржуваат како медиумите на Руперт Мардок. Очигледно е дека Трамп и неговите советници за кампања и медиуми подобро и повеќе знаеја која е Америка, што гледа и што слуша, откако нивната стратегија доби јасна верификација со изборниот резултат.

Силата на новата десница

Силата на новата десница

Можеби најзначајно од се во идеолошка смисла, е паѓањето, или барем поместувањето на таканаречениот „санитарен кордон“ околу есктремната десница.