Неколку меѓународни агенции за помош што работат на палестинските територии, вклучувајќи ги и Лекари без граници (Médecins Sans Frontières – MSF), се соочуваат со затворање на своите операции во палестинската енклава Појас Газа на почетокот на следната година, соопшти во вторникот израелското Министерство за надворешни работи.

Израелската влада презеде правни мерки за одземање на нивните дозволи од 1-ви јануари, наведувајќи дека не се регистрирани и наводната вмешаност на некои нивни вработени во терористички активности.

Министерството за дијаспора соопшти дека досега се погодени 37 организации. Кажано им е дека нивните дозволи ќе бидат одземени на 1-ви јануари и дека ќе мора да ги завршат своите активности најдоцна до 1-ви март.

Лекари без граници предупредија во соопштение минатата седмица дека новите барања за регистрација што ги наметна Израел би можеле до 2026 година да остават стотици илјади луѓе во Појасот Газа без медицинска нега што спасува живот.

Лекари без граници го повикаа Израел да „обезбеди (меѓународните невладини организации) да можат да продолжат со својот непристрасен и независен одговор во Газа“. Веќе ограничената хуманитарна помош не треба дополнително да се ограничува, се вели во соопштението.

Според израелскиот весник Yedioth Ahronoth, организациите одбиле барање да достават целосни списоци на нивните палестински вработени за безбедносни проверки.

Израел ги обвини Лекари без граници за вмешаност на некои нивни вработени во терористички активности. На пример, во јуни 2024 година, според Израел убиен е борец на милитантата грипација Исламски џихад, кој бил вработен во организацијата. Во септември израелската валст објави дека наводно и друг вработен служел како снајперист за палестинската милиција Хамас.

globe

Слични новости