На њујоршки Волстрит берзанските индекси паднаа во средата поради новото интензивирање на трговскиот конфликт меѓу САД и Кина, но и поради послабите од очекуваните деловни резултати на неколку компании, вклучувајќи го и „Netflix“.
Индексот Dow Jones се лизна за 0,71 отсто, на 46.590 поени, додека S&P 500 падна за 0,53 отсто, на 6.699 поени, а индексот Nasdaq за 0,93 отсто, на 22.740 поени.
Меѓу најголемите губитници беше акцијата на „Netflix“ вчера, чија цена падна за повеќе од 10 отсто, откако компанијата објави помала од очекуваната квартална добивка. Неколку други компании ги разочараа инвеститорите со своите деловни резултати во изминатиот квартал, вклучувајќи ја и „Texas Instrument“, чија цена падна за повеќе од 5 отсто.
И откако достигна рекордни нивоа во понеделникот, секторскиот индекс на производителот на чипови вчера потона за 2,4 отсто. Тоа следува по веста дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп размислува за ограничување на извозот во Кина на низа производи направени со американски софтвер, од лаптопи до авионски мотори.
Пазарот го сметаше ова за натамошно ескалирање на трговскиот конфликт меѓу двете најголеми економии во светот, откако Кина неодамна ги заостри контролите врз извозот на ретки земни минерали, а Трамп се закани со дополнителни царини.
Деновиве, Трамп изјавуваше дека би можел да има многу успешна средба со кинескиот претседател Си Џинпинг, но исто така рече дека средбата, планирана за крајот на месецот во Јужна Кореја, можеби воопшто нема да се случи.
Цените на акциите вчера паднаа и на повеќето европски берзи. Сепак, лондонскиот индекс FTSE порасна за 0,93 отсто, на 9.515 поени, но франкфуртскиот DAX падна за 0,74 отсто, на 24.151 поен, а парискиот CAC за 0,63 отсто, на 8.206 поени.
Слични новости
Европските акции во пад: Загубите во секторот на вештачката интелигенција вршат притисок врз берзите
Акциите на европските берзи повторно завршија во минус, со што го продолжија падот од претходниот ден заснован на загубите на компаниите од секторот на вештачката интелигенција.
САД и дадоа на Унгарија едногодишен исклучок од санкциите за руските енергенси
Трамп ја оправда одлуката бидејќи, како што рече, на Орбан му е многу тешко да најде нафта и гас од други извори. Тие немаат излез на море и зависни се од нафта и гас од Русија
DHL објави пониски приходи во третиот квартал
Логистичката компанија DHL објави пад на приходите од 2,3 отсто на 20,1 милијарди евра, поради валутните ефекти и падот на пратките во САД


