Американскиот кошаркар Расел Вестбрук ќе ја продолжи кариерата во Сакраменто Кингс, објави спортската мрежа ESPN.

Ова ќе биде 18-та професионална сезона и седми клуб за 36-годишниот Вестбрук откако играше за Денвер, ЛА Клиперс, ЛА Лејкерс, Вашингтон, Хјустон и Оклахома Сити.

Во новиот клуб, тој ќе биде соиграч на хрватскиот репрезентативец Дарио Шариќ, со кого ја делеше соблекувалната минатата сезона во дресот на Денвер.

Минатата сезона, тој имаше просек од 13,3 поени, 6,1 асистенции и 4,9 скока во 75 натпревари, од кои 36 ги започна во почетниот состав.

Вестбрук, кој во ноември полни 37 години, има најмногу трипл-дабл во историјата на НБА (203) и е еден од само двајцата играчи во историјата со 25.000 поени, 8.000 скока и 8.000 асистенции, заедно со Леброн Џејмс.

Досега има постигнато 26.205 поени во кариерата и му требаат уште 506 за да го надмине Оскар Робертсон како плејмејкер со најмногу поени во историјата на НБА лигата.

globe

Слични новости